Кросдресери, или за политичката травестија
Го гледаме ли, конечно, вистинското лице на македонската политика? Не баш, односно не е толку фрапантно зашто со него, во секакви форми, се соочуваме веќе цели три децении. Но, одлично е во годината на нашите „забрзани“ евроинтеграции да се знае дека ние, всушност, не сме ни мрднале од стартната линија, од онаа некогашна 1991 година!
Втората голема честитка за Новата 2023 година ја добивме од двајцата највисоки политичари кои се осмелија да етикетираат медиуми како вакви или онакви, па дури и непријателски. Едниот пак, се дрзна да ја посочи и поврзаноста на сопственикот на една телевизија со енергетскиот бизнис, заборавајќи притоа дека и неговата сопруга е во истиот бизнис. Првото не е ама баш никаков грев, ама второто?
Како и да е, поскандалозно, посрамно соголување на двајца важни политичари во македонската квазидемократија одамна не сме виделе на политичката сцена. Но тоа не е поентата на мојот текст. Тоа е само шлагворт, или уште еден пример, за катастрофалното поимање на практицирањето на власта на македонските политички „елити“, но во поширок контекст и на нивното разбирање на демократијата, државата, општеството, слободата на говорот и независноста на медиумите итн.
Го гледаме ли, конечно, вистинското лице на македонската политика? Не баш, односно не е толку фрапантно зашто со него, во секакви форми, се соочуваме веќе цели три децении. Но, одлично е во годината на нашите „забрзани“ евроинтеграции да се знае дека ние, всушност, не сме ни мрднале од стартната линија, од онаа некогашна 1991 година!
Затоа и насловот на овој текст, иако поимот „кросдресери“ може да предизвика мали забуни. Но, бидејќи немам ни проближно соодветен превод на англискиот збор cross-dressing односно cross-dresser, го оставам зборот во оригинал, со следното појаснување: зборот произлегува од поновиот вокабулар на LGBT заедницата односно TR (трансродниот) речник, заедно со неколку други. На пример TS (транссексуалец), TV (трансвестит), па следствено и CD односно – кросдресер. Во самата суштина, зборот упатува на лице кое се облекува во алишта од спротивниот пол!
Без каква и да е умисла за (навредливо) мешање на спомнатата LGBT заедница со македонската (не само) политичка сцена – којашто, патем, е посебен тип „трансвеститска“ заедница кај нас – го позајмувам зборот како најсоодветна метафора за отсликување на вкупните состојби во државава, којашто сѐ уште, и по цели три децении, е – во транзиција. Што ќе рече дека потенцијално е „трансродова“, „трансвеститска“ т.е. кросдресерска. Односно, таа транзиција ја прави државата трансдржава, држава/систем во премин (ни социјалистичка ниту капиталистичка) – народот би рекол ни риба ни девојка! – како впрочем и сите сегменти од витална важност за нејзиното нормално функционирање. И тоа не е само познатото поистоветување на партијата со државата, што пак, во крајна линија, доведе до заробената држава којашто толку немилосрдно е закачена на вратот на граѓанинот.
Оваа држава во премин сѐ уште има државна/монополска економија; лажлив и во основа недемократски изборен систем; неприкосновен договорен меѓуетнички пакт за формирање на извршната власт (при што во коалициската структура секогаш се една од двете македонски партии како менлив дел, а придружната албанска партија е константа!); квазидемократски процедури на одлучување во највисоката законодавна институција во државата; авторитарно поставена извршна власт; социјалистичко образование, култура и наука, итн. Во Македонија нема суштинско разграничување на трите власти, нема отворен пазар на знаење и труд, нема конкуренција на идеи и политики… Сето тоа, и уште многу други нешта, ја прават оваа држава „TD“ односно трансдржава, со кросдресерството како подкатегорија.
Впрочем, што остана од сите оние цели набележани дури и во Уставот на РМ во не толку далечната 1991 година? Македонија „(…) да се конституира како суверена и самостојна и како граѓанска и демократска држава“; „да се воспостави и изгради владеењето на правото како темелен систем на власта“; „да се гарантираат човековите права, граѓанските слободи и националната рамноправност“; „да се обезбеди мир и сожителство на македонскиот народ со националностите кои живеат во Република Македонија и да се обезбеди социјална правда, економска благосостојба и напредок на личниот и заедничкиот живот“. И? Гледате ли „на дело“ некоја од овие цели? Сите, до една, се изманипулирани, превртени наопаку, прекршени, искривени, заборавени… „преоблечени“!
Следејќи некои свои квазиуставни „нормативи“, раководните структури на власта полни триесетина години континуирано се модифицираат – или преоблекуваат, како сакате – себеси и Уставот, зависно од ситуациите, потребите и партнерите. И тука, повторно, не алудирам на некакви потенцијални сексуални конотации истражувани од бројни научници низ времето (Hirschfeld, Ellis, Carpenter и многу други понови учени) туку на политичката травестија којашто станува доминантен израз на современата македонска политичка сцена. Следствено, тука најмалку станува збор за некакво пресвртно („прогресивно“) политичко однесување или за обид да се предизвикуваат традиционалните социјални/општествени норми со цел да се воведат европски стандарди. Напротив, целата оваа политикантска шарада е насочена кон камуфлирање на антипросветителските политики и ригидната регресивност на власта, одржувањето на општествениот/државниот статус кво во полза на политичките „елити“ и личното/групното богатење.
И ова не се случува само и единствено во „високата политика“. Сите нешта во Нашата земја веќе со децении подлежат на костимиран карневал на конструкции и лаги во една вистина – онаа на власта, која и да е и каква и да е. А сите ние одамна сме прогласени за нивни непријатели! Дали е тоа заради сѐ уште актуелната транзиција – во којашто особено важен дел е и оваа навика за cross-dressing на реалноста – од која не можеме да се одлепиме толку време, поради длабоко вкоренетото автократско, а со него и кримогено, однесување на речиси сите власти во оваа држава? За жал, таквите методи не се дел само од македонската политичка сцена туку тие го корумпираа и целото општество заробено од такви и слични кросдресери кои (наводно) сакаат да нѐ поштедат од суровата реалност па информациите ни ги преоблекуваат во боите на виножитото.
Но, ако воопшто има утеха, пострашна од нашава провинцијална кросдресерска реалност е само оваа травестија на т.н. меѓународна заедница, на западната култура кон која стремиме: во „центарот“, дома, посветена на цивилизациските вредности и стандарди, а овде, на периферијата, на еден грст кримогени политиканти; демократска и интегративна на збор, а на дело со поддршка на бруталната сила и историско-културниот геноцид. Дали Македонија се претвора во типичен пример на континуираното слепило на супериорност на „демократскиот“ Запад (Солженицин), дали нивниот (сѐ уште) империјален cross-dressing шмек навистина ќе ја моделира Македонија според некои/нечии закостени националистички апетити?
Извор: Теодосиевски уметност