Крлежите можат да бидат опасни, еве како да се заштитите!
Погрешно е крлежот да го гориме со алкохол или со масло – така само тој се грчи и лачи повеќе секрет, што значи повеќе шанса да нѐ зарази. Треба да сме внимателни со пинцетата. А најдобро е да се облечеме добро пред одење во природа.
Било да сте планинар кој преспива на отворено или го шетате вашето дете во Градскиот парк, крлежите се неминовнa опасност во овој дел од годината. На височина од метар до метар и поливина во зеленилото, тие знаат да ја донесат лајмската болест, менингоенцефалитисот, или пак медитеранската пегава грозница.
Но, пред да кажеме како да се заштитиме, што да се прави ако веќе сме закачиле крлеж?
Закачениот крлеж е најдобро да го извади медицинско лице, а ако го вадиме сами, треба да сме многу претпазливи. Погрешно е крлежот да го гориме со алкохол или со масло – така тој се грчи и лачи повеќе секрет, што значи повеќе шанса да нѐ зарази. Внимателно со пинцета треба да го фатиме за главата и да го „опуштиме“, за да излезе целиот сосе телото. Местото на убодот треба редовно да го миеме цели три недели, за да не остане белег.
Како да се заштитите?
Оваа деликатна постапка може да се избегне и ако добро се облечете пред да излезете во природа. Облечете долги ракави. Избегнувајте ги темните алишта, на нив крлежот потешко ќе се забележи. Избегнувајте волна, на неа крлежот полесно ќе се закачи.
Битни се и чевлите, кои треба да се затворени, а ногавиците секогаш вовлечени во чорапите.
Кога сте веќе таму, предолго лежење на мокра трева не е препорачливо.
Ако сте планинар, одете по познати и обележани патеки. Не одете низ грмушки и избегнувајте да ги оставате своите алишта на нив, или пак на земјата.
Штом ќе се вратите, истуширајте се. Пресоблечете се и внимателно прегледајте го телото. Не грижете се, имате доволно време, бидејќи крлежот кој нашол домаќин, прво шета барајќи погодно место да загризе. Најбитни се деловите со нежна кожа: зад увото, тилот, вратот, препоните, градите, папокот, кожата под колена итн.
Кај децата, на пример, крлежите често ќе ги најдете на главата. Tоа е затоа што децата се ниски и играат во тревата многу повеќе од возрасните.
Вакцината е добро решение
Сепак и возрасните и децата (постари од една година) можат да примат вакцина за менингоцефалитис – една од најчестите болести. Вакцината се зема наесен за ефектот веќе да се почувствува напролет. Таа се зема во три дози, а дејството трае до три години.
За други болести, како лајмската, на пример, не постои вакцина, но таа може да се излечи со антибиотици. Слично е и со ерлихиозата, антибиотиците се препишуваат после покачена температура.
Многу битно е овие болести да ги забележите во раната фаза и да се јавите кај вашиот матичен лекар.
Фотографија: pixabay.com