КРИЗАТА ВО ИЗГРАДБАТА НА СТАНОВИ ГИ НАМАЛИ ПЛАТИТЕ НА ГРАДЕЖНИЦИТЕ Просечната плата во август изнесувала 41.097 денари
Просечната месечна исплатена нето-плата по вработен, во август 2024 година е зголемена за 12,9%.
Просечната месечна исплатена нето-плата по вработен во август 2024 година, во однос на август 2023 година е зголемена за 12,9%, објави Државниот завод за статистика.
Просечната нето плата во август во однос на јули, пак порасна за 0,3%.
Годишниот раст на просечната нето плата во август, според ДЗС, се должи, пред сѐ, на зголемувањето на просечната месечна исплатена нето-плата по вработен во секторите: „образование“ (18,9 %), „уметност, забава и рекреација“ (18,8 %) и „јавна управа и одбрана, задолжително социјално осигурување“ (17 %).
Највисок годишен раст на нето платите има во секторот Научно истражување и развој од 42,8%
Намалување на нето платите е забележано само во три сектори. Во градежниот сектор кој се занимава со изградба на згради платите се намалени за 3,9%, во рударството во одделот вадење на јаглен и лигнит за 4,6% и во производството на фабрикувани метали за 0,6%.
Зголемување на просечната месечна исплатена нето-плата по вработен во август во однос на јули е забележано во секторите: „уметност, забава и рекреација“ (5,3 %), „земјоделство, шумарство и рибарство“ (4,2 %) и „објекти за сместување и сервисни дејности со храна“ (3,2 %).
Просечната месечна исплатена нето-плата по вработен, во август 2024 година, изнесува 41.097 денари.