КРИВИЧНАТА ПОСТАПКА ТРЕБА ДА БИДЕ ОСНОВА ЗА РАЗРЕШУВАЊЕ Левица ќе иницира постапка за претседателката на Антикорупциска
Недозволиво е Собранието да биде пасивно и да чека самата претседателка да поднесе оставка од морални причини, кога против Димитровска се водат две кривични истраги и истата повеќе од два месеци не доаѓа на работа, соопштени Левица.
Пратеничката група на Левица, преку пратеникот Борислав Крмов, како член на собраниската Комисија за прашања на изборите и именувања, ќе поднесе предлог за разрешување на претседателката на Антикорупциската комисија, Татјана Димитровска, соопшти партијата.
Недозволиво е Собранието да биде пасивно и да чека самата претседателка да поднесе оставка од морални причини, кога против Димитровска се водат две кривични истраги и истата повеќе од два месеци не доаѓа на работа, се вели во соопштението.
„Дополнително, при постапката за избор на претседател за Антикорупциска комисија, секој кандидат мора да поднесе уверение дека против него не се води кривична постапка. Овој принцип мора да важи во текот на целиот мандат и претставува основ Собранието да ја разреши претседателката Татјана Димитровска, како надлежно тело кое го врши изборот и разрешувањето на составот на Државната комисија за спречување на корупција“, соопшти Левица.
Левица, се додава, од самиот момент кога Димитровска доби статус на осомничена во случајот „Адитив“, побара оставка и од целокупниот состав на Антикорупциска комисија, затоа што целосно е компромитиран и нарушен интегритетот за работа на ова тело.
„Дополнително, наместо премиерот Христијан Мицкоски и спикерот Африм Гаши да ги констатираат само лошите законски решенија, кои им овозможуваат неограничена законска заштита на избраните функционери, ги повикуваме како владејачко мнозинство да иницираат законски измени на Законот за спречување на корупција и судирот на интереси, со цел конечно воспоставување на професионални критериум и стандарди за работа на ова тело, каде самите членовите ќе подлежат на висока одговорност и отчетност пред граѓаните, наместо да бидат партиски послушници на властите“, апелира Левица.