КРИВИЧНА ЗА ЕКСДИРЕКТОР НА „НАЦИОНАЛНИ ШУМИ“ Потпишувал договори со стар ценовник

Поранешниот директор користел неважечки ценовник при продажба на опожарена дрвна маса, со што на шест компании им овозможил корист од над два милиони денари.

0

Поранешен директор на ЈП „Национални шуми“ се соочува со кривична пријава поради сомнежи за злоупотреба на службената положба и овластување, откако со склучување договори за продажба на опожарена дрвна маса наводно му нанел штета на претпријатието од над два милиони денари.

Кривичната пријава до Основното јавно обвинителство во Делчево ја поднела Надворешната канцеларија за криминалистички работи Делчево против В.Г. (52) од Битола, кој во периодот од февруари 2023 до мај 2024 година бил директор на ЈП „Национални шуми“.






Според наводите во пријавата, тој потпишал осум договори за купопродажба на опожарена дрвна маса со шест компании, при што користел ценовник што повеќе не бил во важност. Наместо актуелниот ценовник од 2022 година, во договорите биле применети цени од документ донесен во 2014 година, кои биле значително пониски.

Полицијата тврди дека сите осум договори биле реализирани, а со нив на шест правни лица им била овозможена имотна корист од 2.053.838 денари.

За истиот износ, според истрагата, била предизвикана штета на ЈП „Национални шуми“.

Надлежните институции ќе треба да утврдат дали навистина станува збор за злоупотреба на службената положба и дали постојат елементи за понатамошна кривична постапка.

Поврзани содржини