КРИВИЧНА ЗА БИВШ ГРАДОНАЧАЛНИК НА СТРУМИЦА И ЗА ДВАЈЦА ВРАБОТЕНИ Не извршиле надзор и го оштетиле буџетот за 10.000 евра
Пријавената И.Г., во својство на раководител на Одделението за администратирање на приходи при општина Струмица, постапувајќи спротивно на одредбите од Законот за даноците на имот, во четири наврати ги пречекорила своите овластувања со тоа што изготвила решенија за даночно ослободување од данокот на промет на недвижен имот при продажба на станови од станбена куќа со наменска класификација А1.
Кривична пријава за „несовесно работење во службата“ и „злоупотреба на службената положба и овластување“ е поднесена против поранешниот градоначалник на Струмица Костадин Костадинов и двајца вработени во општината.
СВР Струмица, до Основното јавно обвинителство Струмица, поднесе кривична пријава против К.К.(35) и Б.Ш.(64), двајцата од Струмица, поради постоење основи на сомнение дека сториле кривично дело „несовесно работење во службата“ и против И.Г.(54) од Струмица поради постоење основи на сомнение дека сторила кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување“.
Пријавената И.Г., во својство на раководител на Одделението за администратирање на приходи при општина Струмица, постапувајќи спротивно на одредбите од Законот за даноците на имот, во четири наврати ги пречекорила своите овластувања со тоа што изготвила решенија за даночно ослободување од данокот на промет на недвижен имот при продажба на станови од станбена куќа со наменска класификација А1. Ваквото ослободување од плаќање било направено повикувајќи се на член 25 од Законот за даноците на имот, меѓутоа одредбите за таквото даночно ослободување се однесувале само за станбени згради и станови кои согласно класата на намени се со номенклатура А2.1, но не и за станбени куќи со номенклатура А1.1, за кои и биле изготвени решенијата. Исто така, И.Г. во три од четирите решенија, во отсуство на пријавениот Б.Ш., се потпишала и во полето Потврдил-контролирал.
Пријавениот Б.Ш., во својство на раководител на Секторот за финансиски прашања при општина Струмица и пријавениот К.К., во својство на градоначалник на општина Струмица, постапиле несовесно при вршењето на своите службени овластувања и пропуштиле должен надзор при постапувањето по тие предмети и ги потпишале изготвените решенија за даночно ослободување изготвени од И.Г..
Со ваквите дејствија пријавените лица го оштетиле буџетот на општина Струмица за износ од 668.388 денари.