„КРИВИЧНА ПРОТИВ ИНВЕСТИТОРОТ НА ОВАА ПРОКОЛНАТА ЗГРАДА!“ Граѓани во Тетово протестираа за кучето кое угина откако падна од зграда

На 22 март беше објавена снимка како паѓа куче од зграда, а жител од зграда отспротива го пријавил случајот во полиција. На 24 март, СВР Тетово информираше за случајот, а утврдено е дека не се точни шпекулациите дека наводно некој го турнал кучето.

858

Група граѓани денеска одржаа мирен протест и марш низ Тетово за случајот со кучето кое беше снимено како паѓа од зграда во изградба, по што угина. Побараа да се поведе постапка и да се најде виновникот.

– Ги повикуваме Агенција за храна и ветеринарство и Обвинителство да поведат постапка бидејќи тука станува збор за неколку кривични дела. Се повикува градоначалникот да си ја врши својата дејност во однос на бездомните животни. Треба да се поднесе кривична пријава против инвеститорот изведувач на оваа проколната зграда бидејќи ништо не е обезбедено – рече Снежана Гијевска.






На новинарски прашања дали имаат поведено иницијатива за згрижување на животни, дел од граѓаните посочија дека самите тие се грижат за бездомните кучиња.

– Немаме поведено никаква иницијатива до градоначалникот на Тетово. Мислиме да поднесеме барање по ова прашање. Сме слушнале дека во изминатите години доделил многу тендери за кои не знаеме каде завршуваат за прифатилишта за бездомни животни. Како поединци сами се грижиме за бездомните кутриња и сами ги носиме на стерилизација. Оние кои можеме да ги издржиме финансиски, ги храниме, ги стерилизираме, се обидуваме да ги вдомиме, но проблемот не е решен со тоа – изјави Анета Филиповска.

На 22 март беше објавена снимка во која се гледа како паѓа куче од зграда, а жител од зграда отспротива го пријавил случајот во полиција. На 24 март, СВР Тетово информираше за случајот, а утврдено е дека не се точни шпекулациите дека наводно некој го турнал кучето.

– Извршени се службени разговори со двајцата пожарникари кои биле повикани да го отстранат кучето од објектот во кој работници изведувале градежни работи, како и со лицето пријавител и очевидец на паѓањето на кучето – информираше СВР Тетово.

Полицијата соопшти и дека ќе биде изготвено писмено известување кое ќе се достави до јавен обвинител.

Поврзани содржини