КРИВИЧНА ПРИЈАВА ЗА „ГРАДИТЕЛИТЕ“ НА МУЗЕЈ НА УЧК ВО СОПОТ Општина Куманово достави документација до надлежните обвинителства и до МВР
Постои основано сомневање за сторено кривично дело „Узурпација на недвижности“ и кривично дело „Бесправно градење“, се наведува во пријавата на Општина Куманово.
Општина Куманово поднесе кривична пријава против организирана група непознати лица поради основано сомневање за сторено кривично дело „Узурпација на недвижности“ и кривично дело „Бесправно градење“ на локација во село Сопот – Куманово.
„Организираната група НН лица во подолг временски период заклучно со 06.11.2023 година, ги сториле наведените кривични дела со узурпација и градба на градежна парцела, државно земјоделско земјиште КП бр.963 КО Сопот, запишана во Имотен лист бр. 117 и на истата покрај узурпација, изградиле објект со функција Музеј – Меморијален центар“, информира денеска во соопштение Општина Куманово.
Кривичната пријава, заедно со сите обезбедени наводи и докази со кои Општината располага, е поднесена до Основно јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, Основно јавно обвинителство Куманово и МВР-СВР Куманово, за нивно понатамошно поставување.