КРИВИЧНА ПРИЈАВА ЗА ДВАЈЦА ПОРАНЕШНИ ПОЛИЦАЈЦИ Направиле злоупотреба со вработување во полицијата

263

Двајца поранешни вработени во МВР добија кривична пријава за злоупотреба на службената положба и овластување.

„Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди при МВР до надлежното Основно јавно обвинителство Скопје поднесе кривична пријава против Б.Д. и В.В., поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело Злоупотреба на службената положба и овластување, по член 353 став 4 во врска со став 1 од Кривичниот законик. БД., пензиониран работник, а во време на извршување на кривичното дело на работно место началник на Регионален центар за гранични работи Север, иако знаел дека еден работник со правосилна пресуда бил ослободен од прекршочна одговорност, не изготвил ургенција до Комисијата за вршење психолошко советување и давање мислење за способноста на работникот во МВР да му се врати одземеното службено оружје, кое му било одземено до завршување на постапката. Наместо тоа изготвил предлог за негово времено распоредување врз основа на кој работникот бил времено распореден на друго работно место, а за времено упразнетото работно место доставил предлог за времено распоредување на друг работник“, соопшти полицијата.






Исто така, се додава во соопштението, на распишан интерен оглас не ги известил членовите на Комисијата дека работното место за кое е распишан интерниот оглас е времено упразнето и дека за ова работно место не можело да биде распишан интерен оглас.

„Второпријавената В.В., пензиониран работник, а за време на извршување на делото помошник директор во Оддел за заеднички работи и управување со човечки ресурси во БЈБ, без барање од првопријавениот и без да утврди дека работното место не е слободно, објавила телеграма за интерен оглас. Исто така, како член на Комисијата за распоредување и унапредување, не ставила забелешка и покрај тоа што била запознаена дека работното месо е само времено упразнето и се согласила со изборот на работникот за кој имало предлог за времено распоредување од началникот на Регионалниот центар за гранични работи Север. Со ваквото дејствие, пријавените на работникот кој времено го распоредиле му причиниле штета во износ 310.268 денари“, соопшти полицијата.

Поврзани содржини