КРИВИЧНА ПРИЈАВА ПРОТИВ 10 СПЕЦИЈАЛЦИ Си „ќариле“ 32.000 евра со злоупотреба на патните трошоци

Одделот за внатрешна контрола за пријавените полициски службеници ќе поднесе и предлог за поведување на постапка за утврдување дисциплинска одговорност, соопшти полицијата.

1,266

Десет специјалци добија кривична пријава затоа што со злоупотреба на службената положба земале патни трошоци за денови кога не патувале до работното место, соопшти полицијата. Го оштетиле буџетот на МВР за 1.098.120 денари (32.000 евра).

„Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди при МВР, до Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција – Специјализирано оддделение за гонење на кривични дела сторени од лица со полициски овластувања, поднесе кривична пријава против полициските службеници К.Ѓ., Г.Д., Н.С., И.Г., Д.Д., Д.Д., Н.М., С.С., З.Т. и Д.Т., сите вработени во Единицата за брзо распоредување, поради постоење основи на сомнение дека извршиле кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување” казниво по член 353 од Кривичниот законик. Пријавените, со намера за себе да прибават противправна имотна корист, искористувајќи го стекнатото право за надомест на патни трошоци, поради тоа што по лична карта се воделе со место на живеење надвор од Скопје, ја злоупотребиле службената положба на начин што примале парични средства од МВР за денови во кои не патувале од своето место на живеење до работното место во Скопје и обратно. Со тоа во периодот 1.12.2023 до 17.9.2024 година го оштетиле буџетот на МВР во вкупен износ од 1.098.120 денари“, соопшти полицијата.






Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди за пријавените полициски службеници ќе поднесе и предлог за поведување на постапка за утврдување на дисциплинска одговорност, се додава во соопштението.

 

Поврзани содржини