КРИВИЧНА НА НАЧАЛНИЧКА ВО МВР КОЈА САМА СЕ НАГРАДИЛА СО БОНУС Се впишала на список и зела пари што не ѝ следуваат
Од МВР велат дека на 5 јуни 2024, С.С. свесно се впишала во списокот, со што овозможила себе си исплата на пари од државната каса, односно директно прекршила законик и ја злоупотребила својата функција. Исплатата била реализирана на нејзината трансакциска сметка.
Началничка во Министерството за внатрешни работи, С.С., се соочува со сериозни обвинувања за злоупотреба на службената положба, откако се впишала самата себеси на списокот за бонус плата за 2023 година, иако не ги исполнила законските услови за тоа.
Како што информираат од Министерството, Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди поднел кривична пријава против С.С. до Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција – Скопје, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „злоупотреба на службената положба“, казниво по член 353 од Кривичниот законик.
Пријавената, која тогаш била на функцијата началник на Одделение за обезбедување на странски делегации и манифестации, подготвила список со 11 полициски службеници кои го исполнувале условот за бонус плата, и покрај тоа што таа самата немала право на тоа, бидејќи во текот на годината имала отсуство од работа поголемо од 21 ден – услов што е утврден со Законот за работни односи.
Од МВР велат дека на 5 јуни 2024, С.С. свесно се впишала во списокот, со што овозможила себе си исплата на пари од државната каса, односно директно прекршила законик и ја злоупотребила својата функција. Исплатата била реализирана на нејзината трансакциска сметка.
Министерството информира и дека, покрај кривичната пријава, ќе биде поднесен и предлог за поведување на дисциплинска постапка против службеничката. Таа ќе биде отстранета од работното место до завршување на постапката.
„Нема толеранција за злоупотреби и нечесно однесување во редовите на МВР. Секој што ќе се огреши пред законот, ќе сноси последици“, велат од Одделот за внатрешна контрола.