Кривичен суд: Законот е збунувачки, Митко Сандев ќе биде поротник-судија сè до неговото разрешување
Во конкретниот случај по однос судијата-поротник Митко Сандев, откако од Судот е костатирано дека истиот наполнил 60 години, веднаш е известен Судскиот совет, но сè додека истиот евентуално не биде разрешен, тој ќе ја обавува функцијата судија-поротник, соопшти Кривичниот суд.
Судија-поротник не учествува во носење одлуки за замрзнување на имот, односно за привремена мерка за обезбедување на имоет, бидејќи таквата одлука е во надлежност на Кривичниот совет и се носи во совет од тројца судии, без учество на судија-поротник, соопшти Кривичниот суд откако опозициската ВМРО-ДПМНЕ обвини дека судијата-поротник Митко Сандев треба да оди во пензија, но дека власта не му дозволува да се пензионира само за да не се одмрзне имотот на ВМРО-ДПМНЕ кој е замрзнат во предметите „Талир 1“ и „Талир 2“.
„Наместо навредливото етикетирање на судството како ‘Луј Витон‘, ‘Сваровски‘, ‘Трас-трас-судство‘, кое изминативе години доаѓа од различни политички структури, потребно е да се покаже поголема почит кон правосудскиот систем генерално, бидејќи навреда на Третата власт е и навреда на граѓаните кои се претставувани во судските постапки преку судиите поротници, а колку се важни граѓаните упатува и фактот дека нивниот глас е еднаков со гласот на судијата при носењето на одлуките. Воедно, апелираме и да се престане со постојаните закани за кривична одговорност на судиите и судиите-поротници, бидејќи таквиот вид на притисок нема да влијае врз носењето на судските одлуки, а од друга страна говори и за неукоста на тој што изнесува такви закани, па дури и за обид од негова страна за попречување на правдата“, стои во реакцијата на Кривичниот суд.
По однос изборот и разрешувањето на судиите-поротници, се вели во соопштението, јавноста треба да знае дека тоа е исклучива надлежност на Судскиот совет, а не на претседателот на судот.
„Во конкретниот случај по однос судијата-поротник Митко Сандев, откако од Судот е костатирано дека истиот наполнил 60 години, веднаш е известен Судскиот совет, но сè додека истиот евентуално не биде разрешен, тој ќе ја обавува функцијата ‘судија-поротник‘. Судот сака да појасни зошто не е поднесено ‘Барање за негово разрешување‘ туку е дадено само ‘Известување‘. Имено, Законот за судови е нејасен во смисла на изборот и разрешувањето на судиите-поротници. Збунувачки е што Законот истовремено предвидел дека за судија-поротник со мандат од четири години може да биде избрано секое лице до навршување на 60 години, а истовремено предвидел и дека со навршувањето на 60 години поротникот треба да се разреши. Ваквата недореченост на Законот, која создава забуна, е критикувана и од домашната експертска јавност, но и од Меѓународната заедница, дури е квалификувана и како дискриминирачка, имајќи предвид дека за работно способни лица во РСМ, согласно ЗРО-Законот за работни односи, се сметаат сите лица до 64 години старост“, се вели во соопштението од Основниот кривичен суд- Скопје.
Кривичиот суд посочува дека од овие причини, во минатото во огромен број на судски постапки, на судиите поротници кои навршиле 60 години им се дозволувало и понатаму да ја вршат функцијата поротник до истекот на мандатот од четири години, а пред сè поради целисходноста и економичноста на постапката, односно за да не отпочнат постапките од почеток и за да не се зголемат трошоците на постапката.
„Станува збор за веке воспоставена судска пракса, така што доколку овој поротник не биде разрешен од Судскиот совет, тоа не би преставувало исклучок како што се сака да се престави во јавноста“, наведуваат од Основниот кривичен суд Скопје.