КРИУМЧАРЕЛЕ КИНЕЗИ ОД СРБИЈА ПРЕКУ МАКЕДОНИЈА ДО ГРЦИЈА Приведени 6 лица кои имале разработена шема за транспорт на мигранти

Од април до 13 јули годинава, А.И., Б.И., Б.З., В.Т., В.Т. и Р.Р., во повеќе наврати извршиле криумчарење на илегални мигранти, со што се стекнале со значителна противправна имотна корист.

132

Шест лица се приведени по вчерашната акција на полицијата за сузбивање на организирана криминална група која криумчарела мигранти од Србија во Македонија.

При акцијата, спречен е и транспорт на шест мигранти од Кина, од кои едно малолетно лице.






Како што соопшти полицијата, од април до 13 јули годинава, А.И., Б.И., Б.З., В.Т., В.Т. и Р.Р., во повеќе наврати извршиле криумчарење на илегални мигранти, со што се стекнале со значителна противправна имотна корист. Мигрантите на македонска територија биле илегално пренесувани од Србија, преку илегални премини на т.н. „зелена граница“ во околината на селото Лојане, општина Липково, од каде со помош на водичи т.н. „качаци“, биле доведувани на претходно договорени локации.

На овие локации, А.И. и Б.И. ги прифаќале мигрантите и со возила ги превезувале до локации во околина на Куманово, од каде Б.З. ги прифаќал и ги превезувал до околината на Гевгелија во близина на границата со Грција, каде пак ги прифаќал В.Т. и пеш ги упатувал до граничната линија со Грција на т.н. зелена граница. Како претходница т.н „чистач“ на сите транспорти на мигранти вршени од Б.З. бил В.Т., кој користел разни видови патнички возила. Криумчарењето на мигранти Б.З. го вршел така што, од возилата со кои го вршел транспортот ги отстранувал оригиналните регистарски ознаки и ставал регистарски ознаки кои потекнувале од други моторни возила, нерегистрирани или од возила кои биле претходно одјавени.

По претходен договор помеѓу А.И., Б.И., Б.З., Р.Р. и В.Т., на 13.07.2025 било организирано прифаќање, привремено засолнување и превезување на шест лица илегални мигранти од Кина, од кои едно малолетно лице.

Б.И. како возач и А.И. како совозач во возилото, од околината на Лојане во близина на граничната линија помеѓу Србија и Македонија прифатиле шест мигранти и ги транспортирале во близина на селото Пчиња. Таму Б.З. како возач и Р.Р. како совозач ги прифатиле мигрантите, а како т.н. „чистач“ бил В.Т.. При тоа, Б.З. не застанал на даден знак од полициски службеници туку почнал да се движи наназад со возилото во обид да избега, но за кратко време лицата биле лишени од слобода и пронајдени се мигрантите од Кина. Мигрантите се сместени во Прифатниот центар за странци Гази Баба во Скопје, а лишените од слобода се задржани во полициска станица за понатамошна постапка.

Истовремено, на подрачјето на Гевгелија, поради претходно обезбедени докази, од слобода е лишен и В.Т..

Истиот ден (13.07.2025), извршени се претреси на вкупно пет локации на подрачје на Скопје и Куманово, при што се пронајдени и одземени три патнички моторни возила, мобилни телефони кои лицата ги користеле за извршување на кривичното дело, СИМ картички, пари и др.

Националната единица за сузбивање на криумчарење мигранти и трговија со луѓе при Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал на 14.07.2025 до ОЈО за ГОКК поднесе кривична пријава против шест лица и тоа, против А.И. (46), Б.И. (26), двајцата од Куманово, Б.З. (28), В.Т. (38) и Р.Р. (19), тројцата од Скопје и В.Т. (56) од Гевгелија, сите за сторено кривично дело „криумчарење на мигранти“ (член 418-б став 2 и став 4) во врска со кривично дело „соизвршителство“ (член 22) од Кривичен законик.

Поврзани содржини