КРИТИКИТЕ ДА НЕ СЕ СТИГМАТИЗИРААТ КАКО ПРЕДАВСТВО Фатмир Битиќи го потсетува Филипче што е тоа внатрепартиски дијалог

Пратеникот на СДСМ порачува дека денешниот највисок партиски собир на СДСМ треба да биде форум каде што ќе се слушаат различни ставови без страв, каде несогласувањата нема да се стигматизираат како предавство, туку како доказ дека партијата е жива.

236

Социјалдемократијата, ако нешто значи за одредени партии во Македонија, мора да почне од самокритика, која не треба да се доживува како самопонижување, туку, напротив, како зрелост да се погледнеме во огледало и да признаеме дека губењето на избори е само последица на напуштање на внатрепартискиот дијалог, пишува пратеникот на СДСМ Фатмир Битиќи во својата последна колумна „Кој се плаши од внатрешниот дијалог во партиите?“ објавена вчера (23.01.2026) на порталот 24инфо.

„Ако сакаме да бидеме политички чесни кон себе, но и кон граѓаните, треба да кажеме дека нема кредибилен повик за дијалог во државата, ако дијалогот не живее и во нашите политички домови – партиите. Не може да очекуваме сериозна и изострена демократска или инклузивна политика, ако внатре, меѓу своите, не умееме да слушаме, да се коригираме и да се менуваме“, наведува тој.






Тој се осврнува на внатрепартискиот молк за кој вели дека многу често се маскира пред превезот на единство.

„Мислам на она „единство“ кое бара акламација, а не квалитет на аргументи, што барајќи дисциплина и лојалност ја пропушта смислата и легитимитетот на својата политичка егзистенција. ‘Единство’ кое е рефлексија на страв од аргументиран разговор, од дијалог“, вели тој.

„…Социјалдемократијата не произлегува од страв од дијалог, таа е продукт на длабоко уверување дека достоинството на човекот е поважно од комфорот во/на партиската структура. Нејзиното внатрепартиско живеење бара сензибилитет за морална обврска кохезијата да се одржува со дијалог.

Внатрепартискиот дијалог високо го почитувам и уважувам затоа што тој е лакмус хартија или индикатор на тоа дали партијата е институција на јавниот интерес или приватна организација за сопствено општествено преживување. Притоа, уште еднаш сакам да потенцирам дијалогот не е размена на монолози, не е работата ‘да се слушнеме’, па секој да си остане на своето. Дијалог постои само тогаш кога има конструктивност втемелена на подготвеност за промена како резултат на аргументите на другата страна. Во спротивно, тој претставува само техника на одложување, политичка козметика и управување со впечаток дека ‘се разговара’, додека одлуките одамна се донесени“, наведува Битиќи.

Токму затоа, вели тој, денешниот највисок партиски собир на СДСМ треба да биде форум каде што ќе се слушаат различни ставови без страв, каде несогласувањата нема да се стигматизираат како предавство, туку како доказ дека партијата е жива.

„Ако внатре, меѓу своите, немаме храброст да водиме дијалог – како ќе бараме дијалог од другите? Социјалдемократијата е политичка култура на слушање, на аргумент, на корекција, на почит кон членството и различното мислење. И овде е главната поента, кризата може да се надмине со враќање на оваа вредносна смисла, затоа што може да се победи на избори само ако се знае зошто политички се постои“, порача Битиќи пред Конгресот.

 

Поврзани содржини