КРИТИЧНИТЕ ПАЦИЕНТИ СЕ ПОДОБРИ АМА УШТЕ СЕ ВО ТЕШКА СОСТОЈБА Се испишуваат 9, а од странство се враќаат 8 повредени

Сѐ повеќе добиваме податоци за пациенти, кои се екстубирани, кои се префрлени на одделение или за кои се планираат операции од пластични хирурзи и се надеваме дека во наредните денови сѐ повеќе пациенти ќе се враќаат во земјава - појасни Таравари.

1,139

Четворица пациенти кои вчера се вратија од Шпанија се испратени дома во одлична здравствена состојба, додека едниот пациент од Атина е задржан со цел да се утврди во целост неговата состојба, информираа денеска од Министерството за здравство на денешната прес-конференција.

– Кај нас беа двајца пациенти кои беа примени уште првиот и вториот ден и беа стабилни, меѓутоа не бевме до крај задоволни од резултатите од испитувањата што ги правевме. Вчера беа примени четворица пациенти кои се вратија од Шпанија. Веднаш беа опсервирани и проверени, сите добија одредена терапија. Денеска повторно им направивме токсиколошки и лабораториски анализи. Повторно сите наоди се во референтни вредности, пациентите се со стабилни клинички параметри и денеска и тие четворица и тие двајца кои на почетокот ги примивме, ги испративме дома во одлична здравствена состојба – информира доктор Андон Чибишев од Клиниката за токсикологија.






Изгорениците кај пациентот вратен од Атина биле целосно зараснати, но по направените токсиколошки лабораториски анализи било решено тој да биде задржан во болница.

– Во Скопје вкупно се лекуваат 24 пациенти. Во Клинички центар 7, во стара Градска болница 6 и во Градска болница „8 Септември“ 8 пациенти, во приватните клиники – тројца. Од вкупно 24, денеска девет ќе бидат испишани, тие се во добра стабилна состојба и може да продолжат со домашно лекување. Практично утре ќе имаме 15 пациенти од кои ќе видиме дали ќе има нови за испис. Вчера се врати еден пациент од Атина и четворица од Шпанија. Вкупно надвор од државата се лекуваат 108. За денеска е најавено враќање на 8 пациенти, по двајца од Белгија, Австрија, Турција и Хрватска. Утре ќе останеме со бројка од 100 пациенти надвор. Еден пациент во Шведска е сместен во хотел. Тој повремено оди во болница додека да го испишат. Имаме најави за повеќе пациенти кои следниве денови ќе се враќаат, но ќе информираме за нив дополнително – рече министерот за здравство Арбен Таравари.

Тој посочи дека четворица пациенти се во критична состојба, но дека генерално здравствената состојба на пациентите е добра.

– Меѓутоа, кога велам критични, денеска се малку подобро од што биле вчера, но сѐ уште се во релативно тешка здравствена состојба. Сѐ повеќе добиваме податоци за пациенти, кои се екстубирани, кои се префрлени на одделение или за кои се планираат операции од пластични хирурзи и се надеваме дека во наредните денови сѐ повеќе пациенти ќе се враќаат во земјава – појасни Таравари.

Директорката на Клиниката за пластична хирургија Јасмина Ѓоргиевска Павловска информира дека вчера тим од клиниката бил во Кочани при што било утврдено дека има услови но нема доволно кадар.

– Видов дека има добри услови, но нема доволно кадар и материјали. Заедно со Министерството ги правиме тимовите кои би оделе таму за преврски и би ги однеле потребните материјали – рече таа.

Таа апелира да се внимава во однос на мелемите кои биле нудени по социјалните мрежи, бидјеќи не се знае од какво потекло се и дали се стерилизирани.

Поврзани содржини