Критичната маса контра квазидемократија
Извинете, но ваква аморфна маса историјата не памети на овие простори. Исто како што не памети ни попримитивна, понеука и подеструктивна власт!
Многумина ќе речат дека во ваква „држава“ всушност и немаше дилеми дека ќе се случи тоа што се случи со најавениот референдум во собранието (малите букви се одраз на неговото реноме деновиве), како што впрочем немаше ама баш никаков сомнеж дека ќе биде изгласан и „францускиот предлог“ и сѐ друго што на своите пратеници ќе им го сервира актуелново акционерско криминално и коруптивно друштво што сака да се нарекува – власт. Но дека власта толку ќе се соголи низ „интерпретациите“ и „толкувањата“ на претседателот на собранието, дека така отворено ќе го прифати не тоталитаризмот туку деспотизмот, тоа малкумина веруваа. Меѓу нив и јас, се разбира.
Следствено, како човек се справува со таква форма на тоталитаризам/деспотизам, со какви средства и на кој начин? Со фамозната критична маса? Но за тоа малку подолу.
За волја на вистината, кај нас никогаш и не било многу различно, уште од 1992 година. Иако не до ова безобразно рамниште. А сепак, ние тоа го нарекуваме – демократија. Македонија одамна е во сосема друга „коцкарска шема“ (како што вели г-ѓа Куновска), а зарот секогаш им паѓа на добитна комбинација.
Но, вистинскиот циркус ќе почне набргу, кога ќе треба да се киднапираат пратеници за промена на Уставот, кога уште посилно ќе налегнат кризата и инфлацијата – па и темницата! – кога и соседите конечно ќе речат: аман од вас! И ќе нема крај, зашто и владата и мнозинството во собранието се покажуваат како одлично уигран во неспособноста тим, особено со резервната клупа со Трајанов, Милевски и остала ситна боранија, кои мислат дека со нивната превртливост се во состојба да го надмудрат и најголемиот ѓавол – народот!? Се излажале, се разбира, и ќе си ја платат цената, кога-тогаш.
Кога во државава – ако уште остана некакво „одличје“ што ова парче земја го квалификува за тој поим – ќе се спушти конечниот мрак предизвикан од цела армија приглупи апаратчици кои одработуваат за само десетина-петнаесет „газди“ во земјава, нештата можеби, конечно, ќе станат појасни. Ако станат, се разбира, зашто во таков тип на конечен мрак, се заматува погледот и умот, луѓето бараат излез од катастрофата, секакви идеи стануваат реалност.
Не верувам дека власта мисли на тоа, ниту пак смета дека таквиот расплет на ситуациите е можен кај нас. Но, така мислеше и оној бегалецон во Будимпешта. А сега ситацијата е барем двојно полоша од тогаш, на сите полиња. Ваква реалност како македонскава најпластично се нарекува – ќорсокак! А во него, во тој ќорсокак, по правило ве носат аналфабети и некадарни луѓе/власти, неспособни нормално да реагираат во кризни моменти, политиканти со поминат рок и приглупи „државници“, офицери кои се дрзнуваат да толкуваат Устав додека Уставниот суд молчи, каде премиерот ви се фали дека дваесет години работи во компании ама никаде не можете да прочитате што навистина сработил, ако универзитетски професор по Уставно право е надгласан во полза на некој пензионер-бирократ кој чека повторно да залегне на висока функција, ако американската амбасадорка во очи ви вели дека „Во Македонија недостига одоговорност и транспарентност, а има непотизам, корупција и институционална неефикасност“… – за каква тогаш држава говориме?
За „држава“ каде „жолти комбиња“ преку ноќ стануваат „хибридни напади“, каде полуписмени поединци на високи забрчански позиции во стилот на Титовите бригадири бараат „засукување на ракавите“, каде културата одамна заличува на интелектуална паланка во којашто виреат илјада приглупи цветови на анти-интелектуланоста и непросветеноста?
Затоа, всушност, често и говорам за темпирана политика на антипросветителство, за исклучително груба и немилосрдно простачка реалполитика што меле сè пред себе. Концептот на сила и неограничена моќ е вистинската „демократија“ во земјава, а безобразлукот и непросветеноста се столбовите на политикантската власт. Што впрочем и не е некаков нов „концелт“ или изум на нашиве аналфабети. Тие ниту умеат да мислат, за нешто да смислат. Но умеат да имитираат и да ги слушаат „препораките“ на „советниците“.
И впрочем, зошто никој не прашува кому му треба ваква Македонија, па нека е и Северна? Ако американската амбасадорка го мисли тоа што јавно го говори, ако истото тоа, со малку ублажена реторика, ни го порачуваат и амбасадорите на Германија, Холандија, Франција…, тогаш кому навистина му треба една ваква тоталитарна и нехумана провинција? Зарем таканаречената „меѓународна јавност“ нема сили да се справи со политикантската и криминалната мафија во Македонија, или токму тие се нејзиниот главен ментор и поткрепа? И зошто?
Но, повторно „но“: ако е тоа така, ако и американската амбасадорка, ако и целиот дипломатски кор е свесен и говори против оваа неконтролирана моќ на квазидемократската односно деспотската власт, зошто никој не превема ништо? Уште ли ја чекаме онаа „критична маса“ која никако да дојде? И што всушност претставува таа, колкав процент од населението е потребен? 20%, 30%… колку проценти ни се потребни за Македонија конечно да тргне по вистинскиот демократски пат? И колку жртви треба да се дадат? Зошто никој од странските амбасадори не говори за тоа?
Затоа што знаат дека тоа е глупост, дека таква „критична маса“ не постои, како што не постоела ни во минатото. Инаку, зарем немавме „критична маса“ во 2016 година и колкав процент од таа „маса“ континуирано излегуваше на протестите во 2016 година? 2%, 3%… колку? И од тој процент дојде „уривањето на режимот со пенкало“? Од таа и толкуцкава „критична маса“?
Можеби, но зарем таа „критична маса“ би застанала зад лик викан З.З.? Или зад Талат Џафери во собранието? Или станува збор за – нешто друго? И немавме ли доволна „критична маса“ за локалните избори во 2021 година? И, што се случи со „масата“?
А инаку, колкава беше таа „критична маса“ во Македонија на 11 октомври 1941 година? 0,1%, 0,5%…, колку? И успеа да победи онаква воена машинерија како германската и оние нејзини потрчковци кои сега повторно креваат фашистичка глава!? Како успеа?
Е тоа е вистинското прашање коешто македонија (малите букви се одраз на нејзиното, ни крива ни должна, реноме годиниве!) тгреба да си го поставува секој божји ден. Ни недостасува ли храброст, воља, решителност, цврстина… организираност?
Извинете, но ваква аморфна маса историјата не памети на овие простори. Исто како што не памети ни попримитивна, понеука и подеструктивна власт! Не можат Фејсбук и Твитер да бидат замена за вистинска реакција на случувањата што пет години со ред ја тормозат оваа земја, како што впрочем не можат ни колумните од овој тип тоа да го направат. Тие можат да бидат некаква иницијалната каписла, но не повеќе.
А „критичната маса“, ако до денес ја нема, нема никогаш да ја има!
Извор: teodosievskiumetnost.wordpress.com