Криминалот како државен концепт

659

Колку и да се трудите, не можете да кажете дека оваа власт нема концепт. Има. И за тој „концепт“ веќе одамна говорат дури и највисоките европретставници и амбасадорите во земјава. Меѓу нив и холандскиот амбасадор, кој повторно ја „почести“ власта со „недипломатски“ епитети од типот дека се најголеми крадци и манипуланти во Европа. А слепциве не смеат да писнат. Ја оставаат кутрана вицепремиерка за криминално владеење да глуми гнев. Какви шарлатани!

И речиси истовремено и европските медиуми – германскиот ФАЦ – ѝ прави „скица за портрет“ на оваа власт во една бомбастично сликовита реченица: „(…) Корупција од името на ЕУ, така може да се опише политиката на македонскиот премиер Димитар Ковачевски и неговиот тим“! Кој како сака може да каже но и тоа е – концепт! Или „концепт“, како сакате.






Но, да го кажеше ова некој овдешен, оние подлизурковцине од клиентелата на власта ќе го качеа на „машко магаре“. Ќе му ги истегнеа ушите, ќе му го врзеа јазикот во чвор, ќе му прекопаа сѐ до трето колено, ќе го наречеа предавник, непријател на прогресот, евроскептик, рубљов… Ама кога тоа ќе го каже некој од Европа, овие молчат „ко залиени“. Особено „професорон“. Ама ќе кренат глава тие повторно, само ова малку да се заборави. Пак ќе нѐ газат слонови и горили, повторно ќе нѐ прогласуваат за болни, оние „спин доктори“ повторно не ќе смеат уста да отворат за спиновите со буџетот на власта или објективно да проговорат за потписот на „претседателот“ на КЗ… итн.

Ама ФАЦ – смее. Којзнае дали овие „трагачи по спинови“ воопшто смеат и да го прочитаат ставот на ФАЦ? Дека „Претседателот Стево Пендаровски можеше да го искористи своето право на вето, но тој веднаш ги потпиша измените. Но, ЕУ се спротивстави на обидот да биде злоупотребена од владата и претседателот како изговор за внатрешнополитички злоупотреби кои претставуваат назадување во борбата против  корупцијата“!

А сето ова ќе рече: овдешниот „концепт“, видлив со голо око за Европа и светот како апсолутно криминален, е мистериозно невидлив само за дел од македонските медиуми и државните институции надлежни за криминални активности. Меѓу нив и за Јавното обвинителство и челниот пензионер во него. Невидлив како и онаа „фабрика“ за електрични автомобили од пред три-четири години, нели?!

И затоа премиерот дома е така дубиозно гласен: „Денес во Македонија имаме концепт за европска Македонија којшто го предводи владата и Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, којашто ги третира сите граѓани еднакво според нивната етничка, верска или било која припадност. Меѓутоа имаме појава на еден популизам, којшто популизам во својата основа има етнонационализам и ксенофобија, што за мене е форма на модерен фашизам“, (13.10.2023).

Но, ќе го кажеше ли ова да знаеше што германскиот ФАЦ ќе напише за него и неговите европски „политики“ само неколку дена подоцна? Да. Ќе се срамеше ли? Не. Како што не се срами ни „госпожата“ вицепремиерка за криминално владеење да седне на иста маса со холандскиот амбасадор, знаејќи дека тој нема „влакна на јазикот“ и отворено ја обвинува оваа власт за криминали. Се разбира, кога образот ќе отрпне, сѐ е полесно!

Ако ФАЦ тврди дека во земјава се спроведува „корупција од името на ЕУ“, а македонскиот „премиер“ фалбаџиски вреска дека „(…) во Македонија имаме концепт за европска Македонија којшто го предводи владата и Социјалдемократскиот сојуз на Македонија“, што е толку различно? Ништо, освен зборот – корупција. И со тој збор како генеричен поим и „ѕвезда водилка“, оваа власт, во „името на ЕУ“, апсолутно и неповратно ја упропасти земјата во секоја смисла. Зашто ако во една земја владеат корупција и криминал, тогаш таа земја нема демократија, нема економија, нема образование, наука и култура, здравство уште помалку, нема еднаквост/рамноправност, нема чест, нема срам и совест, уште помалку морал. А нема ни иднина.

И ако премиерот, па и вицепремиерката за коруптивно владеење, постојано се кријат зад нивниот Социјалдемократски сојуз, зарем никој во таа партија не се срами наместо нив, и за нив? Тоа ли е и актуелниот „концепт“ на оваа партија со (сепак) минато за почит но и иднина за резил? И ако Европа го апострофира и оној нивнион претходен праматар како човек кој не ги исполнува ветувањата, како ли тој повторно им седи во самата врхушка и им дели „стратешки“ ум? Ум – за што, за пазарење?

И тој, и неговиот наследник, но и таа партија, во содејство со нивните коалиционери, ја направија Македонија земја на криминалци и насилници кои на дело ја потврдуваат мислата на Ганди дека „Држењето на народот во беда и незнаење е најстрашна форма на насилство“! Државата како да остана без ниту еден трезвен и морален политичар кој би можел да го сопре пљачкосувачкот поход на највисоките функционери и нивните семејства во енергетскиот бизнис, застрашувачкиот колапс на целиот здравствен систем, дивеењето на правосудната и урбанистичката мафија, континуираното групашко ограбување на културните фондови, образовната „црна дупка“ во којашто државата – со закон! – дозволува употреба на учебници со 30 проценти грешки во материјалот… итн. Добиваме ли така 30% фалични граѓани и треба ли, можеби, да го покачиме тој процент? Па да биде барем 50%? Ќе ги задоволи ли тоа овие полуписмениве дилетанти?! Па следствено, што понатаму можете да очекувате од „држава“ која што озаконува 30% процентен фаличен подмладок и речиси 100% нестручна и некомпетентна партизирана јавна администрација?

Оваа власт, со нејзината „интелектуална“ клиентела во сите пори на општеството, дефинитивно нѐ направи луѓе и земја за подбив во светов. Што и не е чудно кога имате предвид кој сѐ овде себеси се нарекува политичар. И кога знаете дека оваа држава (или „држава“, како сакате) сѐ уште, и по цели три децении, е – во транзиција. Што ќе рече дека потенцијално е хибридна, „трансвеститска“ т.е. трансдржава, држава/систем во премин. „Држава“ со цел уигран абонентски систем така немилосрдно закачен на вратот на граѓанинот.

Раководните структури на власта и нивните „граѓански“ клиенти полни триесет години континуирано се модифицираат себеси, системот и законите, зависно од ситуациите и нивните потреби. Следствено, во хибридните пароли на премиерот најмалку станува збор за некакво пресвртно („прогресивно“) политичко однесување или за обид да се предизвикуваат традиционалните социјални/општествени норми со цел да се воведат европски стандарди. Напротив, целата оваа политикантска шарада е насочена кон камуфлирање на антипросветителските политики и ригидната регресивност на власта, одржувањето на општествениот/државниот статус кво во полза на политичките „елити“ и личното/групното богатење. Cancel culture, што би рекол Жижек!

Токму тоа ни го говорат и ФАЦ, и холандскиот амбасадор и амбасадорот на Европската унија, па и „стратешкиот“ партнер преку океанот. Но повторно, никој од нив не ги крева рацете од оваа власт, како да се венчани со неа. Ако баш толку им пречат нејзините криминал и корупција, ако веќе толку немаат доверба во ликови како премиерот и вицепремиерката за криминално владеење, ако веќе е очигледно „пукањето“ на сите шевови на државата, што уште очекуваат од нив? И зошто воопшто седат со нив на иста маса?

Таквото нивното однесување веќе влева сомнеж во нивните добри намери, сведувајќи ги на соучесници во злосторството викано упропастување на една земја. Со што, едновремено, и го губат правото на каква и да е критика на актуелната криминално-коруптивна власт којашто упорно ја алиментираат од парите на нивните даночни обврзници!

П.С.

Апропо онаа смешна лекција на премиерот по повод „случајот Мерко“ односно дека тој, да се најде „(…) на листата на САД, не само што ќе дадам оставка, туку тоа ќе го сметам за најголем пораз“, не смета ли дека ова јавно жигосување од страна на ФАЦ, па и од холандскиот амбасадор, за неговите „политики“ е токму тоа, еднакво на „листата на САД“? Или дури уште посилно, поважно, зашто ние не аплицираме да бидеме членка на САД туку – на ЕУ?! И, ќе си даде ли оставка?!?

Извор: Теодосиевски уметност

Поврзани содржини