„КРИМИНАЛЕН УМ БИ ЈА УБИЛ ЗОРИЦА, А НЕ ВАЊА“ Палевски се брани со дупки во истрагата

Палевски рече дека пред 7 дена дознал дека е осуден на 3 години ефективен затвор поради пресретнување и снимање телефонски разговори.

2,016

Криминалниот ум би ја убил Зорица Ѓоревска, а не Вања Ѓорчевска, затоа што целокупниот имот на тоа семејство, би преминал во сопственост на законскиот старател Александар. Овој нелогичен и недокажан мотив е полн со индиции кои укажуваат на мене, затоа што јас сум ја градел и продавал таа зграда, рече првообвинетиот Љупчо Палевски денеска во судот додека одговараше на прашања од својот бранител Јовица Страшевски.

– Дали некогаш сте го управувале „цитроенот“ на Панче? – праша адвокатот.






– Не, не сум го управувал „цитроенот“ ниту на 22.11 ниту кога било во мојот живот. СВР Велес не зело траги од пред куќата на Жежовски за да може да се споредат со местото на настан Дупки кои се направени и за кои е направен отисок, за да се споредат и да се утврди присуство на тој „цитроен“ на местото на настан Дупки. Тоа не е направено и затоа обвинението е без докази. Нема докази не само за присуството на „рено кангу“ на местото Дупки, туку и за „цитроенот“, кој е запален и веќе од него нема гуми. Единствена трага од тој „цитроен“ е токму од пред куќата на Панче, но не се земени отисоци. Истрагата е уништена од СВР Велес – рече Палевски.

Адвокатот го праша каде бил на денот на убиството на Вања, 27.11.2023 година?

Палевски го повтори истото што рече дека го кажал во ОЈО на 05.06.2024 година. Дека дента се разбудил во 8.30 часот. Пристигнале материјали за 540 милиони долари, ирански пари во македонски банки, дека му дал налог на Зоран Петковски, кој сведочеше во Судот, комисијата за безбедност на Десна итно да извади од интернет сѐ во врска со набавка на ирански дронови на Балканот.

– Потоа го изнесов кучето во дворот, пиев кафе и се подготвував да излезам, читав вести и после 10 часот се упатив кон Халк банка. Напоменувам, Кешишев не беше во куќата. Помислив дека најверојатно заминал за Штип, што беше вообичаено. Се враќаше идниот или следниот ден, не беше ништо чудно што го нема. Потоа со белото „фиат добло“ од штабот, преку Рампа, Кисела Вода, Парламентот, Клуб на пратеници, свртев по Ленинова, па преку Буњаковец и школото „Песталоци“, на улицата Иван Милутиновиќ свртев десно на улицата Рајко Жинзифов и на крајот од таа улица, кон Партизанска, изгубив десетина минути да се паркирам, по што влегов во Халк банка. Имаше гужва, работеа два шалтера. Додека чекав, се сретнав со стар познаник, Мартин Панчевски, кој го предложив за сведок, но го повлеков предлогот. Вршев плаќања за здружението Десна република, а не за партијата Десна. Платив за хост на неколку домејни кои ги поседува здружението Десна република, како и закуп за декември 2023 на Васко Ристовски, сопственикот на куќата. По завршување на тие трансакции, од кои првата беше околу 11.30, а втората во 11.44, заминав во куќата на Киро Крстевски Платник, каде сум роден и каде ОЈО направи претрес на 03.12.2023. Таму се задржав околу 40 минути, разговарав со моето семејство и ги платив сите обврски на фамилијата за интерент, струја, вода, телефони. Потоа заминав на Бит-пазар, карши пазарот од автомат на Стопанска банка извадиив 10.000 денари, за да можам да најдам и да купам грејач, за да го поправам котелот во партијата за да се пали самиот. „Фиатот добло“ го паркирав околу 13 часот над пазарот, каде исто така има камери и е јавен паркинг. Потоа барав грејач и во неколку дуќани во Чаир, не најдов и се вратив во штабот. Попладнето имав неколку состаноци со членови на партијата и вечерта околу 12 ми заврши работниот ден и легнав да спијам – рече Палевски.

– Во обвинението сте обвинет дека заедно со Манев, Видевски и Кешишев со умисла, потпомогнати од обвинетиот Александар Ѓорчевски сте извршиле грабнување на малолетното лице, оштетеното дете Вања Ѓорчевска, со намера член на нејзиното потесно семсјтво да се присили да даде пари за откуп на детето, на начин што, претходно обвинетиот Александар, како татко, преку обвинетиот Палевски дал упатство за времето кога детето ќе излезе само од дома и ќе оди на училиште. Дали е точно ова? – праша адвокатот.

– Не само што не е точно ова тврдење на ОЈО, е недокажано, но и нелогично од повеќе причини. Зорица Ѓорчевска, мајка на оштетеното дете, во судот беше прашана дали кој било ја контактирал или се обидел да контактира и да ја уценува неа или друг член на семјството. ОЈО заборавило дека поминале цели 4 дена од денот на грабнување на детето до притворање на првиот осомничен, Влатко Кешишев, на 2.12.2023, што е доволно време, ако некој сака да уценува да најде начин и да ја почне уцената врз Зорица Ѓорчевска. Доколку е уцена заради користољубие просечен криминален ум, доколку е во релација со таткото на оштетеното дете, кој веќе го поседува на свое име најскапиот имот на семејството, а децата се малолетни и тој е старател, криминалниот ум би ја убил Зорица Ѓоревска, а не Вања Ѓорчевска, затоа што целокупниот имот на тоа семејство, заедно со депозитот од 30.000 евра во банка и новото возило ќе прејдат во владение и 50 проценти сопственост на законскиот старател Александар. Овој нелогичен и недокажан мотив е полн со индиции, од местото на закопување на убиеното дете, од изборот на жртвата во однос на зградата каде живеела, индиции кои се лажно и намерно направени, а кои укажуваат на мене, затоа што јас сум ја градел и продавал таа зграда. Обвинетите Кешишев и Манев во неколку околности велат дека јас сум ја градел зградата и тоа е единствената околност во која нивните искази се поклопуваат – рече Палевски.

Тој рече дека ОЈО одзело хард диск, кој не бил вештачен и не бил приложен во доказите, дека Палевски поседувал 200.000 нелегално снимени разговори.

Тој додаде дека ги известува Обвинителството и судечкиот совет дека во притвор пред 7 дена дознал дека е осуден на 3 години ефективен затвор поради пресретнување и снимање телефонски разговори.

– ОЈО барало условна казна, а јас, во отсуство, односно додека сум во притвор, сум осуден на 3 години затвор. Со оваа пресуда се гледа намерата на правосудниот систем кон мене. Тоа е директно поврзано и со овој процес, затоа што токму обвинителката Ана Димитриевска, ми ги одзела тие 200.000 разговори за кои сум осуден на 3 години затвор. Директна врска имаат овие 2 случаи затоа што се случуваат истовремено. Немам мотив да го направам ова кривично дело и не сум го сторил убиството – рече Палевски.

Поврзани содржини