Криминален брак
холандскиот амбасадор ги „почести“ локалниве партиски банди дека се најголемите криминалци во Европа кои само ги сакаат парите на ЕУ но не и европските вредности! Ги потсети дека „Сите други земји во период од 10 до 15 години успеаја да ги направат потребните реформи и да станат членки на ЕУ. Што правите вие, освен што натрупувате изговори за исполнување на барањата за членство. Зошто вие не ги завршивте своите реформи пред 15 години како и овие други земји?“
Ако е горе-долу повеќе од јасно дека ЕУ не може односно нема формални инструменти – освен еден суштински што не го користи! – нешто битно да промени во црната животна листа (криминал, корупција, загадување, партократија…) на македонскиот граѓанин и дека сите приказни на власта и нејзината клиентела се само збир на недугави лаги, останува дилемата: дали таа ЕУ воопшто сака нешто да (се) промени во државава? Сите досегашни назнаки говорат дека оваа и ваква ЕУ не сака ништо да (се) промени во државава бидејќи неа, како и на другиот „стратешки партнер“, им требаат вакви параспур „држави“!
Се разбира, валиден е потенцијалниот приговор дека во изминативе години токму таа ЕУ, но и САД, не само во годишните извештаи, укажуваа на сите проблеми во Македонија, бараа нивно брзо разрешување и демократизирање на земјата, но еднакво валиден е и фактот дека во континуитет остануваа само на укажувањата, но не инсистираа на резултати од тие укажувања. Поточно, таа цртана серија налик на Том и Џери секогаш завршуваше со победа на Џери: македонските власти, особено овие од 2017 година наваму, тотално се оглушуваа на сите укажувања и барања од „меѓународната заедница“.
Што говори тоа? Тоа говори за постоење на премолчен договор повторно во стилот на цртаните филмови: брканицата на Том и Џери никогаш не престанува, ама победникот секогаш е – познат. Или, со малку потешки зборови: тоа говори за постоење на криминално сценарио за еднакво криминален брак помеѓу ЕУ и власта во Македонија, брак во којшто партнерите точно знаат кој и што треба да каже и кој и што не треба да направи. Треба човек да е слеп па да не го види тоа!
Колку за потсетување: холандскиот амбасадор ги „почести“ локалниве партиски банди дека се најголемите криминалци во Европа кои само ги сакаат парите на ЕУ но не и европските вредности! Ги потсети дека „Сите други земји во период од 10 до 15 години успеаја да ги направат потребните реформи и да станат членки на ЕУ. Што правите вие, освен што натрупувате изговори за исполнување на барањата за членство. Зошто вие не ги завршивте своите реформи пред 15 години како и овие други земји?“
Впрочем, тоа го знае веќе и цел Брисел, освен „госпожа“ Урсула. Но таа е навикната да глуми дека е од друга планета. Како впрочем и Столтенберг, кој крајно безобразно нѐ убедуваше среде Скопје дека од нашиот влез во НАТО имаме „зголемен раст, повеќе странски инвестиции и работни места“, дека ние почнавме да цутиме како држава дури и среде зима итн.
Или, поинаку кажано, што направи оваа ЕУ после ваквите квалификации на еден нејзин реномиран амбасадор? Ништо. Само ги зголемува(ше) редовните финансиски инјекции за Македонија, кои потоа завршуваа во џебовите на бандитиве. А делумно и во европски џебови, но тоа е „тајната“ што ќе се расветлува во некоја друга иднина.
За волја на вистината, и од вториот стратешки партнер често доаѓаа (по)остри тонови, особено откако е тука новата амбасадорка на САД. И таа велеше: „интересно е дека секој пат кога назначуваме луѓе за корупција во оваа земја, секој граѓанин и секој пријател со кој разговарам, вели: се разбира. Затоа што луѓето знаат, знаат кои се корумпираните актери во земјава.“ Истата суштина ја надополни и апропо „случајот Анѓушев“: „Никој не е изненаден, никој не потпрашува: Чекајте, што?“!
Но резултатот останува(ше) – ист. И после сите најотворени критики за криминалот и корупцијата во државава, за состојбите во судството, за заостанувањето во реформите и демократизацијата на земјата, овој криминален брак продолжува(ше) со исто темпо и „резултати“. Оттука, нели е логично прашањето што секој македонски граѓанин би посакал да го постави на американската амбасадорка: ако сето ова е точно, а точно е, зошто тогаш продолжува и до каде ќе оди поддршката на оваа криминална и корумпирана власт?
Македонскиот граѓанин би сакал да знае и до кога ќе трае ваквата ситуација во земјата. И би сакал некој да му каже, односно токму некој од оние кои со нивната политичка и финансиска поддршка ја одржуваат во живот оваа власт. Зашто, од ден во ден овој криминален брак од интерес „цути“ и се разгранува повеќе и повеќе. Во него, покрај сѐ и покрај сите критики (или „критики“), и понатаму владее хармонија, со повремени инсценирани „ексцеси“ како „димна завеса“ за јавноста! Сега, очигледно е веќе, токму пред изабори, се подготвуваат нови „брачни завети“. Тоа јасно и гласно – и највулгарно! – го кажа висок американски функционер среде Скопје. Тие повторно ќе ги поддржат овие криминалци кои секојдневно – ги критикуваат. Или „критикуваат“, како сакате.
Но партнерите забораваат дека криминалните бракови како овој се премногу проѕирни, од самиот старт се релативно лесно препознатливи, како во нашиов случај. Зошто? Бидејќи тоа е, во самата суштина, квази-брак, или хибриден брак, или „деидеологизиран“ монструм…, како милувате. Македонија, Северна или не, само глуми проевропска односно прозападна држава. И демократска, се разбира. Таа не е ни првото, ниту второто, а најмалку третото! А „меѓународната заедница“ само глуми дека тоа не го гледа. И тој брак, нормално, ќе роди – идеолошко копиле! Во коешто ништо нема да биде како што треба, ама сѐ ќе биде како што треба да изгледа!
Оваа и ваква „меѓународна заедница“ сака во оваа земја да има криминална и коруптивна власт, да има неуки, некомпетентни и неспособни поединци на сите важни државни функции, да има поткуплива и полуписмена државна администрација…, преку коишто ќе ги реализираат сите свои интереси. А тие најмалку се геополитички и/или стратешки. Тие се еднакво лукративни и криминални како и оние на нашиве ситни политикантски бандити. И едните и другите се влезени во овој криминален брак со различни влогови и со горе-долу познат краен резултат. Но тој никогаш не е и нема да биде во наша полза!
Извор: Теодосиевски уметност