КРИМ ОСТАНУВА НА РУСИЈА, СЛЕДУВА ЕКОНОМСКИ БУМ СО ЦАРИНИТЕ Трамп во големо интервју за „Тајм“

Трамп истакна дека руската инвазија врз Украина „никогаш немало да се случи“ ако тој бил претседател. Соопшти дека преговорите за прекин на огнот се во напредна фаза и дека „се приближуваме до договор“.

385

Американскиот претседател Доналд Трамп во интервју за магазинот „Тајм“ објавено денеска изјави дека само тој може да донесе мир во Украина и најави економски раст заснован на агресивна трговска политика со високи царини. Тој остро ја критикуваше Европа за, според него, неправедните трговски односи и зборуваше за нови глобални иницијативи. Изјавите се увид во неговиот пристап кон дипломатијата, трговијата и претседателската власт, а во пресрет на првите 100 денови од неговиот втор мандат.

Мировен договор за Украина






Трамп истакна дека руската инвазија врз Украина „никогаш немало да се случи“ ако тој бил претседател. Соопшти дека преговорите за прекин на огнот се во напредна фаза и дека „се приближуваме до договор“.

Според Трамп, мир е можно да се постигне и со рускиот претседател Владимир Путин на власт, но само доколку тој, Трамп, е претседател на САД. Трамп вели дека Украина веројатно ќе мора да се откаже од амбициите за влез во НАТО и да го прифати губењето на Крим, полуостров кој, според него, „веќе одамна е под контрола на Русија“.

На прашањето за можноста за признавање на Крим и уште четири украински региони како руски, а  во рамки на обидите за решавање на воениот конфликт меѓу Русија и Украина, Трамп рече дека е за тоа полуостровот да стане руски.

-Крим ќе остане со Русија. И (украинскиот претседател Владимир) Зеленски тоа го разбира, и сите сфаќаат дека (Крим) долго време им припаѓал. Тој им припаѓал долго пред да се појави Трамп.

Критика кон Европа

Трамп ја обвини Европа за економска експлоатација на САД преку трговски дефицити и недоволно учество во трошоците за одбрана.

-Пријателските земји понекогаш се полоши од непријателите, истакна тој, додавајќи дека ќе бара од Европа да плаќа „фер цена“ за соработката со Америка. Остава отворена можност за нови економски односи со Русија по евентуален мировен договор.

Тарифи и економска политика

Трамп ја бранеше својата политика на високи царини како клучен механизам за обнова на производството во САД.

Тој најави дека инвестициите во нови фабрики и погони ќе достигнат седум трилиони долари, нагласувајќи дека „ако произведуваат во Америка, нема да плаќаат царини“.

Претседателот на САД изрази увереност дека економијата ќе забележи „експлозивен раст“ во блиска иднина и ги обвини претходните администрации за создавање на огромни економски загуби.

И покрај предупредувањата од меѓународни финансиски институции за раст на инфлацијата, Трамп тврди дека цените на прехранбените продукти и енергенсите се намалуваат и ги отфрли прогнозите на ММФ и други тела, наведувајќи дека „Америка наскоро ќе стане најбогатата земја што некогаш постоела“.

Надворешна политика и глобални иницијативи

Во интервјуто направено во вторникот, а објавено денеска, Трамп се осврна и на поширокиот глобален ангажман, истакнувајќи ја иницијативата за нормализација на односите меѓу Саудиска Арабија и Израел.

Тој најави дека повторно ќе го активира Договорот Абрахам и дека Блискиот Исток е близу до голем напредок. Исто така, најави можност за постигнување договор со Иран за ограничување на нуклеарната програма на оваа земја.

Во разоворот Трамп се прикажува како лидер решен да го зацврсти американското влијание преку силна економија, решителна дипломатија и нова глобална стратегија.

„Ќе ја направиме нашата земја силна, моќна и многу богата повторно, заклучи тој.

Поврзани содржини