„КРИЈАТ ДЕКА ДОЛГОТ НАДМИНАЛ 60 ОТСТО ОД БДП“ Заменик-министерката за финансии обвини дека ДУИ и СДСМ манипулираат со податоците
Врз основа на објавата на официјалните бројки за номиналниот Бруто домашен производ за 2023 од страна на Државниот завод за статистика се утврдува учество на јавниот долг во БДП од 62,1%, а не 58,4% од БДП како што е во официјалните извештаи на Министерството за финансии. Буџетскиот дефицит на Општата влада е 4,9% од БДП, а не 4,6% од БДП колку што е објавен, вели Петрова.
Јавниот долг ја надминал психолошката бариера од 60%, а Финансии ги крие податоците, обвинува дополнителната заменик министерка Елена Петрова од ВМРО-ДПМНЕ. На прес-конференција таа рече дека податоците за јавниот долг и за буџетскиот дефицит во извештаите на Министерството за финансии и оние на Државниот завод за статистика не се совпаѓаат.
– Врз основа на објавата на официјалните бројки за номиналниот Бруто домашен производ за 2023 од страна на Државниот завод за статистика се утврдува учество на јавниот долг во БДП од 62,1%, а не 58,4% од БДП како што е во официјалните извештаи на Министерството за финансии. Буџетскиот дефицит на Општата влада е 4,9% од БДП, а не 4,6% од БДП колку што е објавен – вели Петрова.
Таа предупреди дека со ова е прекршен Законот за буџетот, според кој јавниот долг не смее да надмине 60% од БДП. Според неа, власта продолжува да ја задолжува државата. Петрова појаснува дека за два и пол месеци, годинава, само на домашниот пазар на државни хартии од вредност се задолжила со нови 237 милиони евра. Буџетскиот дефицит, според Петрова, за два месеци е 136 милиони евра, што е една четвртина од предвидениот.
Од Кабинетот на министерот Фатмир Бесими појаснуваат податоците кои се прикачени на веб страницата на Финансии се однесуваат на состојбата на долгот до 31 декември, земајќи ги предвид сите фактори на утврдувањето на јавниот долг во моментот на објавување.
– Министерството за финансии ги има предвид најновите објавени проценети податоци од Државниот завод за статистика и тие ќе бидат земени предвид во процес на подготовка на новиот циклус на проекции којшто е во тек и коишто ќе бидат објавени на веб- страницата на Министерството за финансии. Имено, напоменуваме дека објавените податоци за нивото на јавен долг во апсолутен износ не се променети, а нема промена ниту во номиналниот износ на буџетскиот дефицит – велат од Финансии.