РУСИЈА СЕ СОГЛАСИ НА ПРИМИРЈЕ ВО ЦРНОТО МОРЕ, НО ПОСТАВИ УСЛОВ Американците ќе помогнат за укинување на санкциите за извоз на храна
Русија практично бара укинување на санкциите за нејзините банки, производителите на храна, извозниците и осигурителните компании вклучени во извозот на храна пред да стапи во сила примирјето во Црното Море.
Кремљ официјално потврди дека Русија се согласила на ограничен прекин на огнот во Црно Море. Сепак, Русија договорот го условува со укинување на санкциите за руските банки вклучени во меѓународната трговија со храна и ѓубрива и со поврзување со Свифт – системот, кој овозможува сигурна финансиска комуникација меѓу банките.
Тоа значи дека Русија практично бара укинување на санкциите за нејзините банки, производителите на храна, извозниците и осигурителните компании вклучени во извозот на храна пред да стапи во сила примирјето во Црното Море.
Претходно, Белата куќа соопшти дека САД постигнале договор со Украина и Русија да се обезбеди безбедно поморство во Црно Море и да стапи во сила забраната за напади врз енергетската инфраструктура во двете земји.
Во соопштението се наведува дека САД ќе помогнат да се врати пристапот на Русија до глобалниот пазар за извоз на земјоделски производи и ѓубрива, да се подобри пристапот до пристаништата и до платежните системи.
Одговорот во врска со можниот прекин на огнот во Црното Море пристигна и од Украина. Министерот за одбрана на Украина Рустем Умеров изјави дека Киев ќе поддржи двата договора за прекин на огнот со Русија што ги објави Белата куќа.
Тој наведе дека Украина ја поздравува идејата трета страна да го следи спроведувањето на договорите за прекин на огнот во Црно Море и да не се напаѓа енергетската инфраструктура.
Умеров на Икс објави дека Украина секое движење на руски бродови надвор од источниот дел на Црно Море ќе го смета како кршење на духот на договорите и оти во таков случај ќе има право на самоодбрана.