КРЕМЉ ГО НЕГИРА УБИСТВОТО НА НАВАЛНИ Русија тврди дека обвинувањата од Запад се дезинформации
Кремљ и руската амбасада во Лондон ја отфрлија одговорноста, обвинувањата ги нарекоа „дезинформациска кампања“ од Западот.
Русија категорично ги негира тврдењата на пет европски држави дека рускиот опозициски лидер Алексеј Навални бил убиен во затвор со моќен отров од отровна жаба.
Портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова, изјави за државната агенција ТАСС дека обвинувањата се „дезинформациска кампања од страна на Западот“.
– Резултатите од анализите ќе бидат објавени, формулите на супстанцијата ќе бидат познати, потоа ќе има коментари. Без тоа, сите разговори и изјави се информативна кампања насочена кон одвлекување на вниманието од итни проблеми на Западот – рече таа.
Сличен став изнесе и руската амбасада во Обединетото Кралство.
– Ова не е потрага по правда, туку исмејување на починатиот. Дури и по смртта на руски државјанин, Лондон и европските престолнини не можат да му дадат мир, што многу кажува за поттикнувачите на оваа кампања – соопшти амбасадата.
Петте европски земји – Германија, Велика Британија, Франција, Шведска и Холандија – претходно објавија дека според нивните анализи, Навални бил убиен со моќен неуротоксин епибатидин и ја обвинија Москва за неговата смрт. Тие наведоа дека резултатите од истрагата потврдуваат вмешаност на руската држава во убиството на политичкиот критичар на претседателот Владимир Путин.
Смртта на Навални во февруари 2024 година предизвика меѓународна осуда, а западните влади постојано ја поврзуваа со Кремљ. Русија, пак, од самиот почеток негираше било каква вмешаност.
НАВАЛНИ Е УБИЕН СО ОТРОВ ОД ЕКВАДОРСКИ ЖАБИ Пет држави го обвинуваат Кремљ за „варварскиот чин“