КРАЖБА ВО СИНГАПУР ГИ ЧИНЕШЕ ЕВРОПСКО Италијански пливачки во скандал со украдена шминка, следи суспензија

Федерацијата мора да реагира соодветно секогаш кога има однесување што ја нарушува спортската етика. Двете пливачки ја признаа својата грешка и ќе ја отслужат суспензијата, соопшти Пливачката федерација на Италија.

112

Две италијански пливачки, Бенедета Пилато и Кјара Тарантино, се суспендирани на три месеци од натпреварувања, откако беа задржани во Сингапур под сомнение за кражба, објави денеска Пливачката федерација на Италија.

Суспензијата доаѓа само неколку недели по завршувањето на Светското првенство во пливање, каде што Пилато освои бронзен медал во дисциплината 50 метри градно.






Поради дисциплинската мерка, двете пливачки ќе го пропуштат Европското првенство во мали базени, кое ќе се одржи во декември во Полска.

Според италијанските медиуми, инцидентот се случил на аеродромот во Сингапур, кога Тарантино била забележана од обезбедувањето како става козметички производ во торбата на својата колешка. По настанот, двете биле задржани со денови од страна на локалните власти.

Во случајот интервенирала италијанската амбасада во Сингапур, по што Пилато и Тарантино биле ослободени и им било дозволено да се вратат во Италија.

Инцидентот се случил нешто повеќе од една недела по завршувањето на Светското првенство на 3 август, додека спортистките се враќале од краток одмор на Бали.

Од Пливачката федерација на Италија соопштија дека „се работи за сериозен престап кој не смее да ја наруши репутацијата на италијанскиот спорт“, додавајќи дека двете пливачки изразиле жалење и прифатиле тримесечна суспензија.

Поврзани содржини