Кратка средба со историјата

Во договор со Фондацијата Ѓорѓи Марјановиќ, Плусинфо повремено ќе преобјавува негови колумни објавени во дневниот весник „Дневник“. На тој начин, освен што ќе ги освежиме сеќавањата на овој исклучителен интелектуалец, сакаме да придонесеме и за активностите на Фондацијата која го продолжува неговото благородно дело.

2,525

РЕПРИНТ (Објавено во „Дневник“, на 26 август 1998 година)

Пред многу години, едно лето, ме поканија на некаква garden party во една богата вила на Халкидичкиот полуостров. Беше тоа доста типична господска гозба: од некаде постојано доаѓаа пакети со подготвена скара, што канетите гости потем сами си ја печеа на неколку места во големиот двор, меѓусебно си ја подаваа на паници од хартија и ја залеваа со убаво разладено пиво од лименки. И слатките (какви што денес може да се купат на кило и кај нас по приватните слаткарници) доаѓаа во пакети од страна. На крајот, остатоците од гозбата со хартиено-пластичниот прибор за јадење завршија во кантите за отпадоци, а гостите наседнаа околу еден голем оган и си прикажуваа најразлични работи.






Во еден момент, од причини што до денес ми се необјасниви, на наседнатото друштво му го раскажав планот на некогашната Отоманска империја за решавање на македонското прашање: Турците, откако увиделе дека не ќе може да ја зачуваат Македонија само за себе, веројатно заради заштита на сопствените интереси (а и за да го елиминираат влијанието на Русија во овие простори), беа замислиле од неа да направат автономно кнежевство на чие чело требало да биде некој австриски принц од династијата на Хабзбурзите. Работите, меѓутоа, тргнаа, по друг пат и денес го имаме тоа што го имаме.

На мое големо изненадување, кира Марија, една од најбогатите присутни дами (а, за чудо, членка на „кома кома епсилон“, што ќе рече – комунистка!), на англиски јазик ме прекори што му скоривам јадови на присутното отмено друштво. Со оглед на тоа што не сфаќав во што се состои тоа „скоривање јадови“, ја замолив да ми објасни. И таа ми објасни!

Солун е, вели, Македонија. А во Солун има две „партии“ (така рече, иако беше очигледно дека мислеше на две „струи“, на две „политички опции“, а никако не на организирани партии): едната е за статус кво, што ќе рече – за Грција; другата пак – за самостојна, автономна држава, надвор од границите на Грција. „И никој жив не знае која од овие две партии е поголема и помоќна!“.

Бев изненаден дека ваква приказна ми раскажува една богата Гркинка по род во присуство само и единствено на Грци. И гласно го искажав моето изненадување. Одговорот беше зашеметувачки: „Што сме ние по род воопшто не е важно. Важно е дека Атина економски ја упропастува Македонија. Башка што воопшто не нѐ сакаат. Кога нашите фудбалери или кошаркари играат во Атина, трибините ечат од извици и свиркања „Уа, Бугари!“. Кога вие во Скопје би можеле да се откачите од Југославија, а ние овдека од Грција, би направиле држава што би била посилна и од едната и од другата!“.

Се сеќавам убаво, со неверојатен дикат ме прашаа, дали ние од југословенска Македонија би се согласиле Солун (а не Скопје) да биде престолнина на обединетата држава. Немајќи никаков службен мандат за овие неформални преговори, јас на шега реков дека тоа никогаш не било, ниту пак ќе биде проблем: Скопје е наш привремен главен град. Во сите наши народни песни престолнина на Македонија е Солун. И така мора да остане!

Навистина не би можел да се сетам која година се случуваше ова. Знам само дека тогаш беше научна фантастика да се мисли на „откачување“ на Македонија од Југославија. Но, кога даде Господ па ова и навистина се случи, одеднаш фати да ми бива разбирлив грчкиот национален интерес за Македонија. Борбата против нашето име, всушност, беше борба против можноста солунските сепаратисти да ја остварат својата замисла за обединета Македонија. А грчката влада (повеќе од сигурно!) има многу, многу попрецизни информации за обемот и длабочината на тамошните сепаратистички страсти од мене.

На оваа приказна деновиве се сетив по повод промоцијата на книгата на големиот Европеец, д-р Ото фон Хабзбург, во организација на ВМРО-ДПМНЕ: стариот џентлмен зборуваше со толкава љубов за Македонија, што јас во себе се насмеав и си реков дека тоа од него говори несудениот монарх (или барем роднина на несудениот македонски монарх). Кога, по свечениот дел на промоцијата, му пријдов за да замолам за посвета, не можев, а да не му проговорам, на таа тема: „Мислам дека ги разбирам корените на Вашата љубов спрема Македонија“, реков, а тој ме замоли да му кажам на што мислам. Накусо му ја раскажав приказната за турскиот план за автономно македонско кнежевство на чело со Хабзбурзите.

Неговото Царско и Кралско Височество ме уверуваше дека прв пат ја слуша таа приказна и дека неговата љубов спрема Македонија е од сосема поинаква природа: Македонија за него е библиска земја. Европа го примила христијанството од Македонија (мислеше на мисијата на апостол Павле).

На крајот од овој кус разговор, со енергични, цврсти црти (ракопис што потсетува на германското готичко писмо), ми напиша во книгата: „Zur Erinnerung 22. August 1998 in Ѕкорје – der Hauptstadtdes europaeischen Mazedoniens“ („за сеќавање на 22 август 1998 во Скопје – главен град на европска Македонија“) и ми ја потпиша.

Потем долго, долго размислував за тоа колку се чудни и недофатливи патиштата Божји: да не беше поразот во Првата светска војна, Австро-унгарската монархија можеби ќе ја имаше и ден денес, а мојот љубезен соговорник, како австриски престолонаследник, денес ќе беше само еден од многубројните хабзбуршки монарси без кој знае какво значење. Наместо тоа надвојводата Ото фон Хабзбург стана еден од големите борци за идејата на Обединета Европа, а за нас, голем (и значаен) пријател на Македонија. Кoј не верува може во неговата книга да прочита:

“(…) на Македонија ѝ претстојат опасни времиња. Мнозина тврдат дека таа се наоѓа меѓу крајностите на левите и десните. Тоа не е точно. Оној кој ја познава државата, знае дека мнозинството пред сѐ е разумно и подготвено да избере умерена демократска влада. Ова би билo во интерес на смирување на сиот регион, но под услов силите кои ден-денес сонуваат да ја наследат Македонија, да сфатат конечно дека оваа држава го има истото право на постоење како и тие самите. Слободниот свет, исто така, не би смеел да ја заборави Македонија со неговите програми за помош – во интерес на одржлив поредок во југоисточна Европа. Од многу страни доаѓаат сомнежи дали ова е можно со сегашната гарнитура. Ако дојде нова влада на власт, секако би било оправдано таа да се поддржи и истовремено да се насочува во смисла на умереност. Во секој случај охрабруваат знаците на можностите за разбирање меѓу елементите на ВМРО и Албанската Партија.“

Значи, Македонија се наоѓа на распаќе. Европски интерес е да се преземе сѐ за да дојде овој народ до мир и да го најде своето место во заедницата на сеократските нации.

Повеќе колумни од проф. д-р Ѓорѓи Марјановиќ на следниот ЛИНК

***

Сакате да продолжите со читањето на останатите 319 колумни? Обезбедете си примерок!
Оваа колумна е само една 319-те издадени во збирката наречена едноставно „Колумни“. Оваа книга, како и сите останати во издание на Фондацијата Ѓорѓи Марјановиќ, не се продаваат на „традиционален“ начин. туку се добиваат како благодарност за вашата донација. Финансиските средства обезбедени од донациите ќе бидат употребени за помош при школување и вработување на деца без родители, што е една од стратешките определби на Фондацијата.

Инструкции за нарачување За да ја добиете оваа книга, кликнете на копчето Донирај на следниот ЛИНК и во полето за забелешка наведете ја адресата на која сакате да ви биде доставена книгата. Донирајте износ по Ваш избор во Фондот за школување на Фондацијата Ѓорѓи Марјановиќ, а книгите заедно со автограм од авторот ќе Ви бидат доставени на Вашата домашна адреса. Забелешка: Можете да донирате износ по Ваш избор, но не помал од 1000 ден + поштарина. Поштарината за испорака во Македонија изнесува 130 денари. За испорака надвор од Македонија, контактирајте ја Фондацијата претходно.

Поврзани содржини