Кралот вечерва објави: „Време е, нека почне Струмичкиот карневал“. И почна. По две години пауза Струмица повторно ја затресе карневалската треска. Потече реката од маски исполнета со милион различни бои и карневалски креации, а први настапија струмичките мажуретки кои добро ја затоплија многубројната публика на плоштадот „Гоце Делчев“ и низ улиците на градот.
Во дефилето на карневалските групи учествуваа дваесетина домашни карневалски групи и три од Србија и Грција. Реката од маски само на момент запираше кога групите ги претставуваа своите кореографии пред жирито и публиката. Темите беа најразлични-од љубов, музика, годишни времиња, пчели, Мексиканци, пеперутки, мачки и многу други кои под ритмот на музиката имаа волшебен сјај.
Најдобрите карневалски креации ги оценува жири комисија, а од годинава и публиката може преку онлајн гласање да гласа за една маска. За најдобрите во повеќе категории се предвидени парични награди.
Карневалските празнувања во Струмица продолжуваат утре, на празникот Прочка, кога се одржува традиционалниот детски карневал, на кој младите струмичани ќе продефилираат со своите маски.