КРАЛОТ И ТИЕ! Патакот, Милчо, Логин, Мишко, Раде… и неколку премиери, се сретнаа со Чарлс Трети
Логин Кочишки си напиша кој сѐ бил на приемот кај Чарлс Трети, во име на Влатко Стефановски се пофали неговата издавачка куќа „Кроациа рекордс“, Милчо Манчевски се пофали самиот и објави слика на која се ракува со британскиот крал, под која напиша: Кралот и Јас! Раде Шербеџија не напиша ништо, затоа што и самиот доста често бил крал (кралот Лир) на театарските штици
– Еден ден ќе раскажувам во маало, седиме во Лондон, јас, Милчо, Влатко Стефановски, Виле (екс-Мултимедиа), Мишко (Fx3x), кај кралот дома… Влатко му подари свој албум, Милчо му даде домашно да го гледа Before the Rain, јас нешто треснав на англиски и така сите ние по нешто, а тој нѐ слуша, се насмеа, ни кажа пар гачки, не бараше селфи, почасти од неговиот bio apple juice и ни подари една убава вечер дружејќи се со Докуфест, Сараево Филм Фестивал, Exit, Раде Шербеџија, Британски Совет итн…
Беа тука и пар премиери, нашиот, Рама, Курти, Мацут и така, тие отидоа порано дома, а ние останавме да го допиеме сокот и да ги пробаме сите колачиња – напиша основачот на „Пасворд продукција“ , Логин Кочишки по средбата на културните уметници од Македонија и регионот со британскиот крал во рамки на приемот организиран на маргините на Самитот за Западен Балкан.
За разлика од него, Влатко Стефановски во изјавата за „Слободна Далмација“ не го спомнал сокот, туку раскажал дека на приемот пиеле шампањ и јаделе кралска храна.
Ова не беше прва средба на Влатко Стефановски, со кралот Чарлс. Тој го запозна сегашниот крал Чарлс во 1998 година, кој тогаш сè уште беше принц Чарлс и беше во посета на Македонија. Во тоа време, Влатко му подарил едно од неговите ЦД-а, а сега, 27 години подоцна, му ги покажал нивните заеднички фотографии од таа 1998 година. Кралот се сетил на таа посета и духовито забележал дека и тој „некогаш бил млад“.
И во оваа пригода, Стефановски му донел музички подарок на кралот Чарлс.
Станува збор за неговото ново ЦД „London Sessions“, албум кој беше снимен во светски познатото студио „Abbey Road“.
– Кралот ме праша каква музика е тоа, а јас одговорив дека е мешавина од рок, џез и традиционална македонска музика. Тој рече дека дефинитивно ќе ја слушне. Приемот беше многу елегантен, пиевме шампањ и јадевме кралска храна – изјавил Влатко Стефановски додавајќи дека приемот во палатата „Сент Џејмс“ траел два часа и дека сите имале посебен третман.
Со средбата на Влатко со британскиот монарх се пофали и неговата издавачка куќа „Croatia Records“.
Музиката на Влатко Стефановски, снимена во легендарното „Abbey Road“, сега ќе одекнува и во кралските одаи. Горди сме што нашиот уметник имаше можност да му ја претстави својата работа и музиката од нашиот регион на британскиот крал – напишаа на својата страница на Фејсбук „Кроациа Рекордс“.
Милчо Манчевски со средбата се „пофали“ самиот и објави слика на која се ракува со британскиот крал, под која напиша: Кралот и Јас! Раде Шербеџија не напиша ништо, затоа што и самиот доста често бил крал (кралот Лир) на театарските штици.
Во делегацијата имаше и други културни работници и уметници од Македонија и регионот и неколку премиери.