За разлика од Украина, за која на декемврискиот ЕУ-самит беше донесена одлука за почеток на преговори за членство во рекордно кус рок, Македонија остана да го чека стартот на нејзините преговори во сенката на барањето за „добрососедско“ внесување на бугарското малцинство во уставот. И Виктор Орбан се закануваше со вето, повикувајќи се на загрозените права на унгарското малцинство во Украина, но одлуката за отворање на украниските преговори сепак помина.
А токму во однос на малцинствата и заштитата на нивните права, недоследноста на ЕУ-политиките е повеќе од очигледна, посебно кога станува збор за Балканот. Договорот во Преспа не е целосно компатибилен со меѓународното право. Како што забележаа некои критичари, меѓу кои и еден од најзначајните шведски експерти за балкански прашања, Шјел Магнусон, во текстот на договорот се наведува дека населението на северна Грција е само грчко, а што не е коректно и покрај долгата политика на асимилација. Тоа е, всушност, спротивно на Европската конвенција за правата на малцинствата, која не се ни споменува во каталогот на договори кои двете страни ветуваат дека ќе ги почитуваат.
Едновремено веќе не изненадува и тоа дека од ЕУ не се слуша некаква посилна осуда на бугарскиот шовинизам кон Македонија и македонското малцинство во Бугарија, со потенцирање на старите негаторски тези во бугарскиот објаснувачки меморандум, во контекстот на толкувањето на „заедничкта бугарско-македонска историја“.
Несогласувањата и разидувањата околу статусот и правата на малцинствата не се само балкански специјалитет, туку се присутни насекаде во Европа. Не се само Бугарија и Грција членки на ЕУ кои имаат сериозен проблем да ги признаат сопствените малцинства, пред сè, македонското. И една од најдемократските членки, Шведска, своите пет национални малцинства и користењето на нивните јазици официјално ги призна дури во 2000-та година, по силните притисоци од страна ЕУ-институциите во Брисел. Соседна Данска, чиј демократски систем исто така се смета за урнек, и ден денеска не ја признава егзистенцијата на некои малцинства.
Како што обично се вели, гарантирањето на елементарните права претставува темел врз кој треба да се потпираат евроинтеграциите, бидејќи тоа е директно поврзано со претпоставките за функционирање на демократијата, легитимитетот и стабилноста. Функционирањето на ЕУ не може да се засновува само на влијанието што врз нејзиниот развој го имаат мнозинските населенија во земјите-членки, туку соодветни можности треба да им се обезбедат и на малцинствата. Но интеграциската проблематика во врска со тоа како ЕУ-нормите и европското законодавство влијаат на домашното законодавство и однесување и во старите и во новите земји членки, се изоструваат до максимум токму кога се во прашање малцинските права во рамки на ЕУ. Голем број западни десничарско популистички партии внесуваат конфузија со своите ставови околу етницитетот и малцинствата. Од една страна се заговара културна асимилација, но од друга се тврди дека луѓето имаат некаква „наследна суштина“, а што секако претставува несфатлива комбинација на гледишта.
Што се однесува до Бугарија и Македонија, односот спрема малцинствата во многу нешта е дијаметрално спротивен. За разлика од упорното потиснување на малцинските јазици од јавниот простор во Бугарија, Македонија веројатно е единствен пример во Европа според големите можности што ги уживаат малцинствата во администрацијата и образованието, така што политичките лидери на албанското малцинство, придобивките од Рамковниот договор и Законот за употребата на јазиците ги користат и за делумно „истиснување“ на мнозинскиот македонски јазик од институциите.
Повеќепати констатирано дека обесправените малцинства во Европа не добиваат никаква помош од ЕУ. Унијата постепено го губи својот кредибилитет во областа на заштитата на малцинските права. Вреди во тој контекст да се спомене граѓанската иницијатива на унгарското малцинство во Романија, која не беше прифатена и поддржана од Европската комисија. Во кампањата во врска со оваа иницијатива беа собрани милион потписи, со цел да се поттикне ЕУ да го унапреди законодавството за заштита на малцинствата и нивното право на образование, култура, регионална политика и учество во медиумското информирање. Но и покрај таквите силни притисоци, ништо позначајно не се има случено во Брисел на овој план. Од една страна во одговорот на Брисел било нагласено дека ЕУ ги штити правата на малцинствата, но истовремено е констатирано дека недостасува правен основ за да се бранат таквите права. Тоа е веројатно и најголемиот проблем со целиот ЕУ-апарат. Во свечени говори и изјави гласно се декларираат таквите европски вредности, но во пракса, всушност, ништо не се случува.
Каква е тогаш вредноста на ЕУ доколку не може да интервенира против кршењето на човековите права? Европската комисија ја отфрли граѓанската иницијатива на Унгарците во Романија со образложение дека ѝ недостасува компетенција во доменот на законодавството за малцинствата, и дека за тоа прашање се грижи секоја земја-членка одделно. Но критичарите не го прифаќаат таквото образложение, бидејќи проблемот е во тоа дека спротивставените интереси меѓу државната власт и малцинските групи ја поттикнуваат дискриминацијата, а што е директно спротивно на оние вредности за кои ЕУ постојано тврди дека се залага.
ЕУ-проширувањето кон Исток неизбежно доведе до оживување на „поздазборавени“ малцински проблеми и извесни спорни прашања на границите, а со тоа и до појава на повеќе потенцијални жаришта на судири. Надежта беше, и сè уште е, дека ЕУ-членството ќе ги обврзе членките да ги решаваат проблемите со соседите и малцинствата на мирен начин, при што идеално решение би било сите земји со малцинства, вклучувајќи ги, се разбира, и земјите кандидатки од Западен Балкан, да бидат примени во полноправно членство, и со тоа во голема мера да се „декативира“ историскиот набој на дискриминација на националните малцинства.
Македонија веќе беше изложена на силен притисок, при што ветеното членство во ЕУ и беше ставено во мирување од страна Франција, а потоа и директно оспорено од Бугарија, со ирационално барање мнозинското население во земјата да признае дека зборува бугарски, и дека всушност станува збор неопсходност од „самоосвестување“ и признавање на буграски корени. Ова, вклучувајќи ги и реперкусиите од Договорот во Преспа, – според споменатиот Шјел Магнусон, – создава неодржлива ситуација, посебно кога се имаат предвид и албанските претензии во регионот.
Ризикот не е во тоа дали ѝ се озвозможува на Украина молскавично да ја „претрка“ Македонија на патот кон ЕУ-членство, туку дека значајно се зголемува ризикот непринципиелната политика на Брисел кон Балканот, според принципот на мајка-маќеа, најпосле да доживее целосна хаварија. И тоа не саму преку загрижувачкиот пораст на евроскептицизмот во регионот.