КРАДЕЦ СЕ ПРЕМAЧКАЛ СО СМОЛА ЗА ДА БИДЕ „НЕВИДЛИВ“ Најбизарната кражба во Киев, полицијата 5 часа го чистела крадецот

Дваесет и шестгодишниот маж сакал да се стопи со темнината, но бил забележан од обезбедувањето. По апсењето, следела петчасовна операција за отстранување на смолата.

153

Дваесет и шестгодишен маж од Киев се обидел на крајно необичен начин да ограби продавница, се премачкал со смола, верувајќи дека така ќе стане „невидлив“ во темнината. Планот не му успеал, а полицајците по апсењето се соочиле со дополнителен проблем: им биле потребни повеќе од пет часа, 12 литри масло и четири литри детергент за да ја отстранат смолата од неговото тело, пишува „Украинска правда“.

Случајот се случил во ноќта меѓу 12 и 13 август во супермаркет во киевскиот реон Свјатошин. Според истражителите, осомничениот планирал да украде производи од продавницата и барал начин во текот на ноќта да остане незабележан.






На градилиште пронашол буре со смола и влегол во него, убеден дека така, целосно покриен со црн материјал, ќе се „стопи“ со темнината.

Откако се „камуфлирал“, со нога го скршил стаклениот влез на супермаркетот и влегол внатре. Во една вреќа ставил цигари, сок, слатки, портокал, грејпфрут и влажни марамчиња.

Не успеал да земе повеќе производи бидејќи го забележале работници од обезбедувањето, по што побегнал. Но, неговото бегство тука не завршило.

На пат кон дома, наводно почнал да фрла камења кон прозорците на едно средно училиште. Токму тогаш го пронашле полицајците и го уапсиле. Кај него била пронајдена и вреќата со украдените производи.

По апсењето следувал нов проблем. Бидејќи мажот бил целосно покриен со смола, полицајците не можеле веднаш да го однесат во полициската станица на распит. Најпрво морале да го исчистат.

Операцијата траела повеќе од пет часа. Според полицијата, биле користени четки за обувки, 12 литри масло и четири литри детергент за да се отстрани смолата од неговото тело.

Откако бил исчистен, мажот бил задржан. Истражителите од реонот Свјатошин го известиле дека е осомничен за разбојништво и хулиганство, додека истрагата ја координира реонското обвинителство.

Украинската полиција на 14 август ги објавила деталите за случајот, како и фотографии од осомничениот и необичната акција за отстранување на смолата по неговото апсење.

Поврзани содржини