Крадци во Германија украле 6,5 милиони евра од Царина, направиле дупка со бормашина и дошле до сефот
Како што објави германски „Билд“, крадците отвориле дупка во подрумот и ги извадиле парите од царинската испостава.
Крадци во Германија успеале да си присвојат 6,5 милиони евра во готовина од царинската испостава во Дуизбург.
Како што објави германски „Билд“, крадците отвориле дупка во подрумот и ги извадиле парите од царинската испостава.
„Според доказите што ги собравме, грабежот е професионално испланиран и извршен. Тројца засега непознати сторители користеле машина за дупчење за да стигнат од соседната просторија до подрумот на зградата, а потоа и до сефот“, соопштила полицијата.
Сведоците пријавиле дека во неделата околу 6 часот наутро слушнале силно брмчење на машина за дупчење. Околу 10:45 часот, забележале тројца мажи во темна облека со темни капи, како неколку пати одат од зградата каде што биле парите до блискиот паркинг. Таму било паркирано бело комбе со лизгачка врата во кое тие ги ставиле парите.
Друг сведок рекол дека го видел осомничениот и го фотографирал. Полицијата ги објави фотографиите. Се верува дека човекот во еден автомобил возел во иста насока како и мажите во комбето. Царината нуди награда од 100.000 евра за информации што ќе доведат до апсење на сторителот или до пронаоѓање на парите.