КРАДАТ СТРУЈА, ГО РАСИПАА ТРАНСФОРМАТОРОТ, ПА ПОЧНАА СО БЛОКАДИ! Екипите немаат пристап да ја поправат мрежата, предупредува Електродистрибуција
Веќе подолг период, жителите на улиците Исмаил Кадаре и Кумбара го спречуваат проектот за реконструкција на мрежата и дислокација на броилата. На екипите на компанијата постојано им се упатуваат вербални закани, со што во целост им се оневозможува функционирањето, велат од Електродистрибуција за Плусинфо.
Помала група жители на населбата Серава денеска ја блокираа улицата Никола Карев, позната и како Пластичарска улица, затоа што од неделата немаат струја. А немаат, затоа што со години неконролирано крадат струја, па им се расипал преооптоварениот трансформатор.
„Дефектот во населбата Серава настана на 21.12.2025 (недела) како резултат на долготрајните неконтролирани кражби на електрична енергија од страна на жителите, а воедно и континуираните спречувања на екипите на Електродистрибуција во вршењето на работните активности за одржување на мрежата. Веќе подолг период, жителите на улиците Исмаил Кадаре и Кумбара го спречуваат проектот за реконструкција на мрежата и дислокација на броилата. На екипите на компанијата постојано им се упатуваат вербални закани, со што во целост им се оневозможува функционирањето“, велат од Електродистрибуција за Плусинфо.
Сè додека екипите немаат пристап за реализација на проектот за реконструкција на нисконапонската мрежа, ќе биде невозможно да се санираат дефектите, кои ќе продолжат да се појавуваат и во иднина како резултат на преоптовареноста од нелегалните приклучувања, предупредуваат од Електродистрибуција.
Во овој регион загубите на струја надминуваат 70%, а наплатата изнесува 60%, додаваат од компанијата.
На собирот денеска присутвуваа околу 50 граѓани. Поради блокадата, сообраќајот на булеварот Никола Карев беше целосно пренасочен во двата правци, што предизвика застои и отежнато движење во овој дел од градот.