КРАДАТ ГРОЗЈЕ, САДНИЦИ, АЛАТИ, ДЕЛОВИ ОД ЗЕМЈОДЕЛСКИ МАШИНИ… Кражби на ниви во Вардарскиот регион
Од почетокот на годината до 18 септември, во СВР - Велес пријавени се вкупно 35 кражби на ниви и на земјоделски имоти, изјави портпаролката на СВР - Велес, Биљана Ѓаковска.
Се крадат грозје, садници, делови од системи за наводнување и од земјоделски машини, алати и други предмети од ниви и од земјоделски имоти на територијата што ја покрива Секторот за внатрешни работи – Велес. Оваа информација ја потврди за МИА, Биљана Ѓаковска, портпарол во СВР – Велес.
– Од почетокот на годината до 18 септември, во СВР – Велес пријавени се вкупно 35 кражби на ниви и на земјоделски имоти. Притоа, во 4 случаи било одземено грозје од лозови насади. Исто така, граѓаните пријавувале дека им биле одземени дрвја – садници, делови од системи за наводнување, делови од земјоделски машини, алати и други предмети – појасни Ѓаковска.
Инаку, кавадаречката полиција на 15 септември приведе 3 лица од Кавадарци поради кражба од нива.
„Полициски службеници од ОВР – Кавадарци ги лишиле од слобода Н.В., на возраст од 43 години, Р.В., 20-годишно лице, и 41-годишната С.В. поради извршена кражба од нива во близина на Кавадарци, сопственост на Л.Р., 54-годишно лице од кавадаречкото село Ваташа“, беше тогаш официјалната информација од СВР – Велес.
Оттаму тогаш додадоа дека по документирање на настанот, против нив ќе бидат поднесени соодветни пријави.