КРАЈ ЗА СТУДЕНТИТЕ БЕЗ КРАЈ НА СТУДИРАЊЕТО Во домови ќе се примаат само лица до 30 години
Собраниската Комисија за образование го прифати предлог-законот со кој се воведува старосна граница за прием во државните студентски домови и се воведуваат построги мерки за непочитување на куќниот ред.
Студентските домови во иднина ќе бидат наменети само за студенти кои не навршиле 30 години, предвидуваат измените на Законот за студентскиот стандард, кои денеска добија поддршка од собраниската Комисија за образование, наука и спорт.
Комисијата на седница оцени дека предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за студентскиот стандард, по скратена постапка, е прифатлив и го проследи на натамошно читање во Собранието.
Предлагачи на измените се пратениците Даниела Христова, Каролина Насковска, Иванка Василевска и Велика Стојкова-Серафимовска.
Пратеничката Даниела Христова објасни дека со измените се дополнува условот за сместување и исхрана во државните студентски домови, при што за првпат јасно се дефинира старосната граница за прием на студенти.
– Измените се однесуваат на членот 24 став 1, каде по зборот „живеење“ се додаваат зборовите: „а кои не навршиле 30 години на денот на поднесување на барањето за прием во државен студентски дом“. Со ова се прецизира старосната граница за прием во студентски дом, со цел да не се прават злоупотреби и во домовите да се сместуваат оние на кои навистина им е потребна ваква поддршка – рече Христова.
Според неа, со измените се уредува и постапката за студентите кои не го почитуваат куќниот ред во домовите.
Предвидени се воспитни мерки, меѓу кои писмена опомена, опомена пред отстранување, како и забрана за користење на услугите во студентските домови на целата територија на државата.
Забраната може да трае од една до пет години, зависно од тежината на прекршокот.
– Целта на измените е обезбедување поголема правна сигурност, заштита и безбедност во студентските домови, како и подобрување на условите за престој на студентите – посочи Христова.
Комисијата не ги прифати шесте амандмани поднесени од пратеникот Сали Мурати од Движењето на Турците на Македонија за правда и демократија.
Со амандманите, меѓу другото, се бараше да се предвиди исклучок од старосната граница за лицата со попреченост, како и можност студентите да поведат управен спор пред Управниот суд во случаи поврзани со одлуките за сместување.