КРАЈ ЗА ДИВАТА УРБАНИЗАЦИЈА И НОВ ЖИВОТ ЗА КАРПОШ Лукровски со визија за чиста, безбедна и уредна општина
Лукровски вети решавање на проблемот со паркирањето, крај на дивата урбанизација и зелена револуција во Карпош.
Кандидатот за градоначалник на општина Карпош од ВМРО-ДПМНЕ, Сотир Лукровски, на народниот митинг во рамки на изборната кампања под мотото „Вистинскиот избор! Твојот човек! Твоето место! За твојата иднина!“, најави серија инфраструктурни и урбани проекти со кои, како што рече, „Карпош ќе стане уредена, зелена и безбедна општина“.
– Вечерва не ви се обраќам како политичар, туку како човек. Како татко, сопруг, пријател, кој исто како сите вас, го живее секојдневието на Карпош. И тогаш си велам, доста е. Ваквиот Карпош не е нашиот Карпош. Карпош заслужува повеќе. Заслужува ред, чистина, зеленило, безбедност и гордост – порача Лукровски.
Лукровски истакна дека во наредниот мандат општината ќе се фокусира на решавање на проблемот со паркирањето и урбаниот хаос.
– Во Карпош ќе има каде да се паркираме. Ќе изградиме нови паркинг-места и катни гаражи со соларни панели – паркинг и зелена енергија во едно. Ќе воведеме ред во сообраќајот, еднонасочни улици, јасна сигнализација и вистинска безбедност за сите – рече тој.
Тој најави и формирање на ново јавно претпријатие „Карпош План“ кое ќе воведе ред во урбанизмот и ќе ги реши илјадниците постапки за легализација.
– Ќе ставиме крај на дивата урбанизација. Доста е со мафијашки зделки и бетонски пустини. Јас нема да бидам ничиј партнер во инвестициите. Сè ќе биде транспарентно и чесно, заедно со вас, граѓаните – додаде Лукровски.
Лукровски најави реконструкција на парковите, нови рекреативни зони, безбедни тротоари и обновени клупи и улици.
– Ќе се гордееме со новиот парк 1020 и ќе спортуваме во новата рекреативна зона Карпош хајкинг делта. Карпош ќе живее со спорт и култура. Ќе поддржиме спортски клубови, ќе изградиме нови патеки, сали и забавен парк со картинг. Нашите маала ќе оживеат со концерти, улични настани и уметност на секој ќоше – рече кандидатот.
Тој посочи дека општината ќе отвори нови места во градинките, ќе ги реновира училиштата и ќе воведе редари за безбедност на учениците.
– Ќе воведеме униформи со печат на општината, симбол на нашето заедништво и гордост – додаде тој.
Лукровски порача дека ќе биде достапен за секој граѓанин.
– Ќе ја вратиме општината во рацете на граѓаните. Нема повеќе затворени врати. Секој ден ќе сум на терен меѓу луѓето. Ќе обезбедиме поддршка за пензионерите, лицата со попреченост и сите карпошанци. Ќе ги обновиме фасадите, лифтовите и јавните простори – истакна тој.
Во завршниот дел од обраќањето, Лукровски најави дека општината ќе соработува со централната власт за реализација на големи капитални инвестиции.
– Локалната самоуправа нема да биде сама во реализацијата на визијата за современ Карпош. Ќе ја имаме поддршката од централната власт и од премиерот проф. д-р Христијан Мицкоски. Заеднички ќе реализираме значајни инвестиции и капитални проекти – заклучи Лукровски.