КРАЈНАТА ДЕСНИЦА ВО ПОЛСКА ГО СПРЕМА ТЕРЕНОТ ЗА ИЗЛЕЗ ОД ЕУ Партијата Конфедерација добива сѐ поголема поддршка пред претседателските избори
Анкетата на Центарот за истражување на јавното мислење (CBOS) од 2024 година покажува дека поддршката за членството на Полска во ЕУ паднала на 77%, што е за 8% помалку од минатата година, додека, пак, бројот на граѓани што се против членството во Унијата е зголемен на 17%, што претставува раст од 7%.
Додека поддршката за полската крајно-десничарска партија Конфедерација расте пред претседателските избори во мај, еден од нејзините пратеници изјави дека земјата треба да биде подготвена да ја напушти Европската Унија (ЕУ), јави Анадолија.
– Пред сè, треба да бидеме подготвени за тоа ЕУ да се распадне. Пред неколку години дури и подготвивме документ под наслов „ПолЕгзит – Безбеден итен излез“. Може да настане ситуација во која Полска ќе сака или ќе мора да ја напушти ЕУ и токму на тоа треба сега да се фокусираме – изјави пратеникот на Конфедерација, Михал Вавер, за полското радио ЗЕТ.
Вавер ја критикуваше и, како што рече, „некомпетентната“ реакција на ЕУ на царинските давачки што ги наметнаа САД.
– Изгледа како трка меѓу зајакот и желката, а Америка е веќе 3 круга пред ЕУ. Во Полска не се грижиме за нашата трговска и царинска политика веќе 20 години бидејќи тоа го презеде ЕУ. Тоа значи дека во јавната администрација немаме луѓе кои се разбираат од оваа област – рече тој.
Според анкетата на Центарот за истражување на јавното мислење (CBOS) од 2024 година, 77% од Полјаците сè уште го поддржуваат членството во ЕУ, што е за 8% помалку од 2023 година. Во меѓувреме, противењето на членството порасна на 17%, што е зголемување од 7% во однос на претходната година.
Според последната анкета на „Јунајтед сурвејс“ за Виртуелна Полска, кандидатот на Граѓанска платформа (ПО), Рафал Тшасковски, добива сè поголема поддршка, додека кандидатот на Право и правда (ПиС), Карол Навроцки, губи во полза на кандидатот на Конфедерација, Славомир Менцен.
Според истата анкета, Тшасковски би победил во првиот круг со 38,3% поддршка, што е зголемување од 5,1% од крајот на март. Навроцки падна на 20,1%, што е намалување од 5,2%, додека, пак, Менцен достигна 18,8%, со раст од 0,8%.