Крај на импотентното правосудство: Робусна акција за вистинска правда

Владеењето на правото не е само слоган, време е да се обнови довербата и да се воспостават институции со интегритет.

354

Вечерашната изјава на премиерот Христијан Мицкоски за потребата од „робусна акција“ во правосудниот систем е повеќе од политичка порака. Се работи за суштинска дијагноза на состојбата во која се наоѓаат клучните институции на владеењето на правото и за лек кој е неопходен за болното правосудство.

Долго време сме сведоци на парадоксот: институциите со години не се реформираат, или пак превземените реформи не се ефективни, туку симболични. Резултат? Критики за нефункционалност, заробени институции и корупција која ги поткопува темелите на државата. Кога, пак, се обидуваме да интервенираме, веднаш се појавува етикетата „власта врши политички притисок“.






Овој двоен аршин создаде состојба во која јавноста ја изгуби довербата, а меѓународните извештаи ја бележат нашата држава со најниски или лоши оценки.

Премиерот со право вели дека пасивноста не е решение. Владеење на правото не се гради со чекање и надевање дека институциите ќе се самореформираат. Историјата на транзицијата покажува дека без силна политичка волја и јасен притисок за отчетност, коруптивните мрежи и неефикасноста продолжуваат да функционираат.

Затоа, „робусна акција“ не е партиска пресметка, туку потребна хируршка интервенција во еден систем кој е одамна во клиничка смрт. Случајот со пожарот во Кочани јасно ни покажа дека системот е руиниран до темел.

Не е случајно што неодамна сведочевме и на изгласана недоверба на Јавниот обвинител и Судскиот совет. Парадоксот е уште поголем затоа што и покрај изгубената доверба, тие и понатаму остануваат на функциите, поради законски празнини кои најверојатно се создадени намерно, но и поради незнаење. Денес сме во ситуација каде имаме институции кои формално функционираат, но суштински немаат легитимитет. Тоа е вистинска луда храброст на нашиот правосуден систем: да бидеш на чело на институција, а да немаш доверба; да се нарекуваш столб на системот, а всушност да бидеш столб на стаклени нозе.

Но, уште поголема луда трпеливост е народот да го прифаќа сето тоа со години, да молчи пред неправдата и да живее во систем кој секојдневно му ја краде иднината. Затоа денес не е потребна само робусна, туку експресно робусна акција, Потребна е брза, одлучна и бескомпромисна интервенција за да се спречи целосното распаѓање на правниот систем

Јавно искажаната дилема дека ваквата акција може да се толкува како „политички притисок“ е погрешна и непотребна. Вистинската дилема е многу поедноставна: дали сакаме да живееме во систем каде институциите молчат и не носат резултати, или сакаме да расчистиме со нефункционалноста и да изградиме нов темел на доверба и успех?

Разрешувањето на неспособните, полуписмените, некадарните, учените-а не доучени, корумпираните и нивната замена со луѓе со интегритет и знаење, кои се одговорни и отчетни, не е политички притисок. Тоа е чин на обнова на правдата и создавање на функционални, деполитизирани и професионални институции.

Вистинскиот притисок кој го чувствуваат граѓаните не доаѓа од владата, туку од длабоко вкоренетата корупција, незнаењето, неработењето и нефункционалноста на институциите, кои секојдневно им го крадат животниот стандард, шансите и иднината.

Поддршката на премиерската иницијатива е важна и од меѓународен аспект. ЕУ и партнерите одамна бараат мерливи резултати во борбата против корупцијата и нефункционалноста. Без обновени и кредибилни институции, почнувајќи од Судскиот совет и судовите, преку Јавниот обвинител и обвинителствата на сите нивоа, до Антикорупциската комисија и јаловите министерства, нема да имаме европски извештај што ќе ни биде наклонет. Секое одложување на нивната целосна реконструкција и ревитализација е самопритисок кој нè оддалечува од евроинтеграцијата.

Премиерот повикува на избор на луѓе со квалитет и интегритет, а јас тоа го зборувам и пишувам со години. Тоа е правилниот пат: не „наши“ или „ваши“, туку луѓе кои имаат капацитет и желба да ја бранат правдата, дури и кога тоа не им е во личен интерес. Но, паралелно мора да видиме и одговорност од сите учесници кои го доведоа правосудниот систем до катастрофалните 2% доверба кај граѓаните. Без таква одговорност, секоја реформа ќе биде половична и недоволна.

Оваа акција мора да биде системска, а не ад хок. Само така ќе се спречи повторно создавање на паралелни центри на моќ и нови кругови на корупција.

Робусната акција мора да значи нова култура на однос кон функцијата, совесност и одговорност, а не само смена на поединци. Ова е историска шанса која не смее да се пропушти. Сега е моментот да се расчисти еднаш засекогаш. Целта не е за да добие поени една или друга влада, туку за да добијат државата и граѓаните.

Редно е граѓаните конечно да почувствуваат дека има држава која работи за нив. Без враќање на довербата кај луѓето, ниту една реформа нема да има вистински ефект. Граѓаните мора да видат и почувствуваат дека законите важат за сите, без привилегии и заштитени. Токму тие се вистинските сојузници на промената, а нивната поддршка ќе биде најсилниот легитимитет на робусната акција.

Владеење на правото не е само слоган. Тоа е темелот на опстанок на едно општество. Робусната акција е лек за болното правосудство и време е (веќе од денес) да ја примениме со целосна решителност и одважност.

         

Поврзани содржини