КРАЈ НА ДОЛГИТЕ КОЛОНИ НА ЕВЗОНИ Грција ќе инвестира 24 милиони евра за побрз влез во земјата
Надградбата на Евзони вредна 24,6 милиони евра ќе го намали чекањето на граница и ќе донесе побрзо движење за милиони туристи.
Долгите колони за влез во Грција наскоро ќе станат минато. Со проект вреден над 24 милиони евра, грчкото Министерство за внатрешни работи започнува голема надградба на граничниот премин Евзони – Килкис, преку кој секоја година поминуваат повеќе од 2,5 милиони патници. Целта е да се намали времето на чекање, кое летно време често достигнува и по неколку часа, и да се обезбеди побрзо и поефикасно спроведување на сите контроли.
Проектот предвидува архитектонска и енергетска реконструкција на постоечките објекти, модернизација на патната инфраструктура и значително унапредување на услугите за пасошка, царинска, фитосанитарна и ветеринарна контрола. Вкупната вредност на инвестицијата изнесува 24,6 милиони евра, а завршувањето е предвидено до крајот на 2027 година.
Грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис веќе најави дека обновата на граничните премини е дел од поширока стратегија за модернизација на копнените влезови во земјата.
– За прв пат по децении ќе се изврши градежна и технолошка обнова на сите централни влезни и излезни точки. Целта е побрзо да се опслужуваат посетителите и транспортот, што ќе придонесе за економска и туристичка стимулација – истакна тој.
Според генералниот секретар на регионот Македонија – Тракија, Димитрис Галаматис, Евзони е „најголемата копнена порта за влез во Грција“ и модернизацијата е од клучно значење.
– Сегашната состојба ги отежнува процедурите и создава непотребни колони. Надградбата е императив за да се олесни движењето и да се зајакне регионалната соработка – рече тој.
Со новата инвестиција, Грција ќе се усогласи со европските регулативи, вклучувајќи ги системите за контрола на границите како Шенген, ЕЕС и ЕТИАС. Очекувањата се дека по завршувањето на проектот, туристите и возачите на камиони повеќе нема да чекаат со часови, а движењето преку Евзони ќе биде брзо и ефикасно.