Крај или почеток на крајот?

Ние оваа власт можеме да ја нарекуваме секако: и неука и профитерска, и криминална и коруптивна, и проста и антиреформска, па дури и опасно лажлива и манипулативна, но никако не смее да се потцени нејзиното познавање на менталитетот на оваа „јавност“, но и подготвеноста да иницира механизми за спас.

1,258

Крајот, или почетокот на крајот на еден режим, па нека е и „прогресивно“ хибриден, генерално се одвива во неколку фази: прво се насетува низ „ситни“ безобразлуци на власта – оние од типот на премолчено непостапување (на пример во однос на криминалите на „СК 2014“), па тивко подметнување на антиреформски процеси (во правосудството, културата, образованието, здравството…), па откажување од бомбастично најавуваните „радикални“ потези (укинување на бенефициите на пратениците, ветингот во судството, една изборна единица и др.), за да подоцна се префрли во повисоки брзини на дрско неисполнување на основните државни обврски, игнорирање на потребите на граѓанинот и заштитата на населението… итн.

Шокантен пример за тоа беше времето на ковид пандемијата, кога бевме во самиот светски врв не само по смртност туку и по тотална негрижа за населението, но еднакво страотни се и овие секојдневно билдани ценовни шокови и опфатот на економската катастрофа!






Во тој повисок степен на дивеење, власта започнува да „оглувува“ на јавните критики, партискиот башибозук зема невидени размери, а најотворено се манифестира неодговорноста, неказнивоста, ароганцијата но и глупавоста на државната врхушка итн. Меѓу почетните примери за неказнивоста беше кривичната пријава против екс-министерот за култура Исмаили за злоупотреба на службената должност, а кој потоа експресно стана потпретседател на Собранието, а „кремот“, секако, се вулгарните измени на Кривичниот законик. Фактичката недопирливост на сите луѓе од власта, а особено на највисоките функционери, беше најбезобразно правно формализирана и запечатена со потписот на оној кој и понатаму глуми претседател на државата.

Некој, по стариот македонски „обичај“, ќе рече дека такви и слични процеси има речиси во сите европски држави, што не е точно. Дури и да ги има(ло), се разрешувале експресно! Се разбира, ние можеме да ги минимизираме катастрофичните случувања во земјава изминативе пет години, но забораваме дека тоа е само дополнителен мотив – или поттик, како сакате – на власта да ги стави сите криминални механизми во двоен погон. Зошто? Затоа што јавното мислење, резултатите во анкетите, расположението на граѓаните, па и резултатите од локалните избори, јасно покажуваат дека оваа игра тука завршува. Дали ќе има или не предвремени избори е сосема ирелевантно од аспект на македонскиот граѓанин. Редовни (ќе) мора да има! Следствено, и одговорот – апсолутно познат – ќе дојде.

Токму затоа сега, во оваа трета фаза на комплетниот распад на овој режим, се појавуваат онакви „историски“ коридори и криминални договори за истите, токму затоа се случува ова лудило во економијата, во администрацијата, овој притисок околу фамозниот пристапен договор со ЕУ, онаа криминална распродажба на државно земјиште, Казнениот законик итн. И токму затоа така безочно и безобразно се лаже на сите страни, краде секој што може и што ќе стигне, се појавува фамозната „Цаци“ која де знае де не знае ништо но љуби да подига спомен обележја, уште пофамозната медицинска сестра ќе директорува со главниот аеродром, државата ќе гласа воздржано за геноцидот во Газа… итн., итн. И сето тоа – поминува, мазно, без отпор или само со тук-таму штури коментари од опозицијата…

Затоа, ние оваа власт можеме да ја нарекуваме секако: и неука и профитерска, и криминална и коруптивна, и проста и антиреформска, па дури и опасно лажлива и манипулативна, но никако не смее да се потцени нејзиното познавање на менталитетот на оваа „јавност“, но и подготвеноста да иницира механизми за спас.

Поточно, невозможно е на овие да не им е јасно дека ова е крајот, или почетокот на крајот. И дека голем дел од нивните имиња ќе бидат испишани на столбот на македонскиот срам. Па богами и во некои судско-затворски тефтери. Како и многумина други пред нив. Или тоа не им е важно? Механизмите за неказнивост ќе функционираат?Но сепак, не може да не им е важно, итекако им е важно. Па и тие имаат семејства, по ѓаволите, утре ќе мора да излезат на улица. Ќе знаат ли барем да одглумат срам? А предвидливата блиска иднина веројатно генерира и соодветни непријатни чувства, од страв до гнев, од бес до уплав. И во тој емотивен распон човекот не делува рационално. И тоа овие секојдневно го демонстрираат, а никој не се ни обидува да ги сопре. Па ни т.н. меѓународна заедница.

Зашто, дури и она недипломатско но како скалпел прецизно „обраќање“ на холандскиот амбасадор или актуелниве шамари од еврокомесарот Рејндерс за измените на Кривичниот законик, очигледно не се доволно силна сопирачка за катастрофално автократското и на мигови и фашизоидно однесување на оваа власт. Од друга страна, однесувањето на тој странски фактор односно „меѓународната заедница“, барем според „мерките“ што (не) ги превземаат, повторно, по којзнае кој пат, покажува колку тие не ги разбираат состојбите во земјава (па и регионов), а уште помалку оваа политикантска збирштина што им е обесена на врат и ги цица безмилосно. Повишувањето на тонот на амбасадорите, употребата веќе и на „тешки“ квалификации, говори за промени во нивното расположение и почеток на крајот не само на нивното трпение туку и почеток на разбирањето со кого овде си имаат работа, но е далеку од потребното. Па и од очекуваното.

Зашто, ако веќе сте свесни дека ве „играат“, или изигруваат, на секој чекор, дека финансиската помош едноставно исчезнува без ефект и трага, ако во ветар одат сите предупредувања и укажувања, лоши извештаи и губење на довербата…, но сепак продолжувате да подржувате една беспризорна криминално коруптивна власт од типот на јужноамериканските режими, тогаш нешто не е во ред, нели? Или локалниве криминалци сѐ уште имаат нешто да доработат односно одработат, да исполнат некоја вешто скриена агенда?

Странското разочарување од локалниве криминалци е дел и од едниот и од другиот процес односно и од крајот и од почетокот на крајот. Разликата е само во модалитетите: почетокот на крајот само навестува, крајот означува; разочарувањето на почетокот е само блага нервоза, разочарувањето на крајот е – болно. Но проблемот е што нивните разочарувања, на почетокот или на крајот, нам во ништо не ни ги олеснуваат или подобруваат состојбите. Напротив. Разочарувањето е/ќе биде болно само за нас! Не заради оваа криминална банда, туку заради опустошената земја и, уште повеќе, заради очебијната безнадежност.

Бидејќи власта, кон крајот, без пардон ја започнува борбата за спас на сопствената кожа, а во такви случаи игрите стануваат – опасни. Сега почнува циркусот околу изборите, можните варијатни со нив и ползата што евентуално може да се извлече, вклучувањето (повторно) и на странскиот фактор во својата машинерија итн. Никој сега со сигурност не знае каде ќе залута стравот на власта од она што ја чека утре. А тоа утре, некому може и да му се скрши од главата!

Но, дури и да е крај, или само почеток на крајот, сепак останува страшно многу време овие да разнебитат сѐ што ќе им дојде до рака. И (ќе) нема кој да ги сопре. Затоа, ова е остро, гранично време во коешто ќе се активираат сите подземни и надземни ѓаволи. Не за спас – тој де факто не е можен – но за ублажување на казните, за договор, за активирање на тајните меѓупартиски протоколи…, нешто како втор „Пржински процес“. А во меѓувреме отворено ќе се лаже и ќе се краде, оние „Бехтел и Енка“ веројатно ќе бидат прогласени за национални херои и спасители на државата, учебниците и понатаму експресно ќе се менуваат според упатствата на врхушката и неписменион „историчар“, „Цаци“ ќе ги подигне посакуваните спомен обележја наспроти законот, Академијата за судии ќе произведе уште една тура синчиња и ќерки и партиски некадарници облечени во тоги, суријана кербери ќе ги оправдува не само сите криминали на бандава туку и државната поддршка за геноцидот во Газа, „евроскептиците“ и понатаму ќе бидат нарекувани со погрдни имиња итн.

И да, „странскиот фактор“ и понатаму ќе биде разочаран од бандава, но за утеха ќе шета по македонските градови и села и ќе се восхитува на природата и храната.

Приближувајќи се кон крајот ние со чекори од седум милји сѐ оддалечуваме од почетокот, од онаа 1991 година, од онаа 1945, од темелите на државата, од демократските идеи, од општеството за сите, од цивилизираните земји.

Извор: Теодосиевски уметност

Поврзани содржини