Ковидот како алиби за грабеж
Ако се докаже дека високи функционери здружено со обвинители ја користеле пандемијата за остварување личен или партиски интерес, тогаш Македонија нема проблем со „наследени слабости“, туку со организиран криминал на највисоко ниво. За злосторничко здружување од највисок ранг.
Кога премиер јавно ќе каже дека постојат сериозни сомневања за злоупотреби на власта за време на ковид пандемијата, тоа не е обична политичка изјава. Тоа е аларм. А кога тие сомневања се поткрепени со јавна изјава на сведок кој тврди дека бил под притисок, плус постоење на писмени документи, тогаш повеќе не зборуваме за „институционална одговорност“, туку за лична и кривична одговорност. „Институционална одговорност“ е празна фраза со која со години се покрива личниот криминал. Овде не станува збор за институции што згрешиле, туку за луѓе што свесно злоупотребиле власт. Со име и презиме, со функција и со моќ. И за тоа мора да има кривична одговорност.
Кога еден од најпознатите доктори во државата јавно ќе каже дека за време на ковид пандемијата врз него се вршел притисок да се откаже од сопственоста на приватна болница, тоа не е трач. Тоа е сведоштво. А сведоштво за притисок од врвни државни функционери не се игнорира, не се релативизира и не се турка под тепих.
Пандемијата беше трагедија. Но, за некого очигледно била можност. Вонредната состојба, стравот, уредбите со сила на закон и суспендираното Собрание се покажале како совршен амбиент за мафијашки упади. Кога нема контрола, кога Уставот се „надсинхронизира“, а законите се кројат преку ноќ, тогаш државата станува плен.
Ако навистина постоеле обиди приватна здравствена установа да се преземе преку политички притисоци, тогаш тоа е учебникарски пример на рекет од државен врв. Тоа не е „лоша политика“, не е „кризен менаџмент“, туку кривично дело. И тоа многу тешко кривично дело.
Дополнително, фактот што дел од одлуките донесени во ковид кризата сè уште не се разгледани во Собранието не е технички пропуст. Тоа е намерно бегство од одговорност. Затоа што кога еднаш ќе се отвори таа папка, ќе се види кој одлучувал, како одлучувал и во чиј интерес.
Овде повеќе не треба да зборуваме за сомневања без покритие. Имаме јавна изјава на сведок кој тврди дека бил под притисок. Постојат писмени траги и документи. Има конкретен период и конкретни имиња. Во секоја нормална држава, тоа е повеќе од доволно Јавното обвинителството да постапи по допрен глас итно, без калкулации и без политичко алиби.
Ако не постапи, тогаш пораката е јасна: ковидот бил дозвола за грабеж, а функцијата гарантирала амнестија однапред. Тоа значи дека државата не била во здравствена криза, туку во заложништво на неколкумина.
Ако, пак, се докаже дека високи функционери здружено со обвинители ја користеле пандемијата за остварување личен или партиски интерес, тогаш Македонија нема проблем со „наследени слабости“, туку со организиран криминал на највисоко ниво. За злосторничко здружување од највисок ранг.
Ова повеќе не е прашање на политичка дебата, ниту на партиска пресметка. Ова е тест дали државата постои. Ако Јавното обвинителство и надлежните институции не реагираат веднаш, тогаш тие свесно ќе застанат на страната на можниот криминал. Молкот во овој случај не е неутралност, туку молкот е соучесништво.
Вонредната состојба не смее да биде алиби и простор за грабеж, а функцијата не смее да биде дозвола за криминал. Ако законот не важи за оние што ја злоупотребиле пандемијата за личен и партиски профит, тогаш тој не важи за никого. Во таа ситуација, државата не е правна, туку таа е заробена.
Затоа, не се потребни нови изјави, ниту политички калкулации. Потребна е итна истрага, конкретни обвиненија и јасни судски пресуди. Сè друго ќе значи дека ковидот не бил само здравствена катастрофа, туку и организирана криминална операција под заштита на највисокиот државниот врв.
Историјата ќе запамети кој постапил, а кој молчел. И нема да им суди за намерите, туку за злоупотребите и на последиците од тие злоупотреби.