КОВИД-СЕРТИФИКАТИТЕ ВО ЕУ ЌЕ ТРААТ САМО 9 МЕСЕЦИ Нови правила за влез и патување во Унијата
Овие правила важат само во случај на патување и транзит меѓу земји, додека за внатрешна употреба важат правилата на самата земја.
Од утре, 1 февруари, на сила стапуваат нови правила за патување со ковид сертификати во Европската Унија, а сертификатот ќе важи девет месеци, јави дописничката на МИА од Брисел. Овие правила важат само во случај на патување и транзит меѓу земји, додека за внатрешна употреба важат правилата на самата земја.
Европската комисија им налага на сите земји-членки во ЕУ да ги приспособат правилата за ковид сертификатот во случај на патување. Сертификатите за вакцинација ќе важат 270 дена, или девет месеци, од последната доза на примарната серија на вакцинација.
Во случај на вакцина со една доза, девет месеци од дозата, во случај на вакцините со две дози ќе се сметаат девет месеци од втората доза. Овие правила не важат за бустер дозите, нагласува Европската комисија.
Еврокомесарот за правда, Дидие Рејндерс, објасни дека новите ЕУ правила за рокот на траење на сертификатите за вакцинација во контекст на патување во ЕУ го одразуваат фактот што ефикасноста на вакцината се намалува со тек на време, поради што е важно да се прими бустер доза.
– Со поддршка од експертите од Европскиот центар за спречување и контрола на болести и Европската агенција за лекови, Комисијата од блиску ќе следи дали ќе бидат потребни дополнителни приспособувања на правилата – додаде Рејндерс.