Ковид-19 е виновен за збрката помеѓу Симовски и Селами за попишувањето на печалбарите
Не би рекол дека има недоразбирање помеѓу мене и заменик директорот, туку погрешно разбирање. Има правници и како што ќе речат тие, тоа ќе го спроведеме. Важно е дека пописот ќе биде спроведен според Законот и методологијата. Во координација сме со Селами. Можеби и јас погрешно сум изјавил. Да го почекаме до петок мислењето на правниците, вели директорот на Заводот за статистика, Апостол Симовски, за Плусинфо.
Сомнежот за можна зараза со коронавирусот направил збрка помеѓу директорот на Заводот за статистика Апостол Симовски и неговиот заменик Илми Селами за тоа дали граѓаните кои се отсутни од земјава повеќе од една година, а за кои друго лице ќе ги дава податоците, може во нивно име да ја каже и нивната верска, етничка и јазична определба.
До петок сè ќе биде појасно, според директорот Симовски, до кога се очекува правните експерти да го дадат своето толкување за ова прашање.
Куршлусот настана викендов кога заменик-директорот Илми Селами во изјава за медиум го демантираше директорот Симовски дека лицето кое дава податоци за друго лице не може да даде одговор на прашања за коишто се бара исклучиво лично изјаснување. Селами тврди дека не е точно оти етничката и верската припадност на лицата кои во моментот на пописот нема да бидат во државата, не може да ја потврдат нивните роднини.
– Сѐ се случи викендов во неработно време. Не би рекол дека има недоразбирање помеѓу мене и заменик-директорот, туку погрешно разбирање. Има правници и како што ќе речат тие, тоа ќе го спроведеме. Важно е дека пописот ќе биде спроведен според Законот и методологијата. Во координација сме со Селами. Можеби и јас погрешно сум изјавил. Да го почекаме до петок мислењето на правниците. Кога Селами ја дал изјавата во саботата, не можевме да се видиме бидејќи ќерка ми имаше температура и сите се тестиравме за коронавирусот. До вчера не можев да се видам со никој поради претпазливост. Но добро е, резултатите се негативни. Поради ова не комуницирав ни со јавноста – вели за Плусинфо директорот Симовски.
Тој сепак посочува дека подобро би било ако печалбарите ја користат електронската апликација и така се попишат, бидејќи на тој начин ќе се добијат најверодостојни и најдобри податоци, отколку роднина да ги попише во нивно име.
И покрај обидите не успеавме да добиеме став од заменикот на Статистика, Селами.
Селами викендов изјави дека не знае што сакал да каже Симовски.
– Само знам дека тоа што го кажал е грешка и тоа од две причини. Такво нешто не е предвидено ниту со Законот, ниту со методологијата. Законската одредба е општа и вели дека ќе даде податоци кои се однесуваат на лица кои се надвор. Ги вклучува сите податоци од матичен број и сè друго што се однесува на пописот – изјави Селами.
Симовски претходно изјави дека за прашањата за етничката и верската припадност ќе мора секој лично да се изјасни.
– Кога некое лице дава податоци за друго лице, не може да се даде одговор на оние прашања за коишто се бара исклучиво лично изјаснување. Тоа се прашањата за етничката припадност, религиозната припадност и јазикот. Лице што не ги познава доволно, не може да даде податоци и нема да ги знае сите одговори и апликацијата нема да го прифати одговорот. Денес постојат можности за комуникација, лесни, достапни и евтини, да се искомуницираат тие лица кои се надвор и самите да ги пополнат податоците. Тоа е целта, и тоа би било најдоброто решение – изјави тогаш Симовски.
Сега директорот вели дека можеби тој дал погрешна изјава бидејќи при презентацијата на методологијата за пописот имало многу новинарски прашања. Симовски сега е на ставот дека правниците треба да дадат толкување за ова прашање. Владата пак, денеска преку соопштение не појаснува дали роднините на печалбарите ќе можат да дадат податоци за етничката и верската припадност. Оттаму велат дека попишувањето на лицата државјани на Република Северна Македонија кои во периодот на спроведување на Пописот 2021 живеат или престојуваат во странство ќе се врши по пат на самопопишување, односно саморегистрација преку онлајн апликација достапна на веб-страницата на Државниот завод за статистика, во периодот од 1 март до 21 април 2021 година.
„Овие граѓани влегуваат во категоријата на население за кои ќе се обезбедат податоци со пописот под името ‘вкупно нерезидентно население‘ и тоа се лицата, државјани на Република Северна Македонија, кои во времето на Пописот престојуваат во странство повеќе од 12 месеци (една година) поради работа или друга причина, како и членовите на нивните домаќинства кои престојуваат со нив“, соопштија од Владата.
Оттаму повторуваат дека услов за да се самопопишат е точниот Единствен матичен број на граѓанинот (ЕМБГ) и дека начинот на попишувањето на овие лица е во согласност со методологијата и упатството за самопопишување на лицата отсутни во странство, што ги донесува директорот на Државниот завод за статистика (ДЗС).