КОВИД-19 Април ќе биде жесток, Велигден е главен испит, а некои земји веќе најавуваат релаксирање на ограничувањата

Малкумина се осмелуваат да прогнозираат што ќе се случи, но американскиот Институт за здравствена метрика и евалуација направи проекција на можни жртви на пандемијата во одделни земји до 4 август.

6,885

Со 833 починати во 24 часа, Франција го помина најтешкиот ден од почетокот на пандемијата на коронавирусот. Во Италија бројот на мртви повторно порасна (604 во ова, во споредба со 525 во претходното деноноќие), но влева оптимизам фактот што бројот на новозаразени и натаму опаѓа (3.039 во споредба со 4.316 во претходните 24 часа). Добри вести доаѓаат и од Шпанија, каде што опаѓа бројот и на новозаразени и на нови починати лица.

Според последните податоци од Ворлдметрикс за 7 април (19 часот), во светот се регистрирани вкупно 1.386.820 вкупно заразени, 79.086 починати и 297.583 излечени. Најмногу заболени (380.743) и мртви (11.907) има во САД, каде што она што следува неделава се споредува со 11 Септември и со Перл Харбор. Кина за прв пат не пријави ниту еден нов смртен случај од ковид-19.






Надежни вести денеска пристигнуваат и од Грција, наспроти демонстрациите на тамошните здравствени работници поради лошите услови за работа. Грција има вкупно 1.832 регистрирани случаи, 77 нови во последните 24 часа, вкупно 81 починати, но само две нови жртви, најмалку од 12 март наваму. Според „Катимерини“, грчките власти во април очекуваат исклучително тежок период, но во мај можеби ќе се види светло на крајот на тунелот. Клучниот испит Грците ќе го полагаат на Велигден. Ако празникот мине добро и потоа продолжи трендот на опаѓање на новозаразените и на новите починати од ковид-19, веројатно Атина ќе почне да размислува за релаксирање на мерките за социјално дистанцирање.

Вакво нешто најави и хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ, нагласувајќи дека релаксацијата на рестриктивните мерки би можела да се случи само во согласност со препораките на епидемиолозите. Во некои делови на Истра сега внимателно се тестираат првите мерки на релаксација. Инаку, во Хрватска има 60 нови заразени, но само двајца нови починати.

Во Австрија за после Велигден исто така се најавува релаксирање на рестрикциите. Прво би требало да се отворат помалите дуќани, а до 1 мај и големите трговски центри. Австрија пријавила нови 302 случаи (вкупно 12.599) и нови 23 жртви. Соседна Словенија има само 38 нови случаи (вкупно 1.059), но и 6 нови смртни случаи.

И во Данска, иако има 312 новозаразени и 16 нови мртви, се смета дека ситуацијата се стабилизира. Од средината на април, таму е најавено отворање на градинките и на училиштата, но само за децата до петто одделение.

Во Србија, како и во Македонија, мерките на социјално дистанцирање очигледно ќе се заоструваат. Во Србија се регистрирани 247 новозаразени и вкупно 2.447 заболени од ковид-19, од кои, според вчерашни податоци, 1.349 се на болничко лекување, а 108 се на респиратори. Во Македонија има 599 вкупно заразени и 26 починати.

Во Бугарија ситуацијата очигледно е подобра – таму има вкупно 577 случаи, новозаразени 28 и само еден нов смртен случај поврзан со ковид-19. Сепак, во Бугарија не се најавуваат мерки на релаксација на ограничувањата. И таму се чека на Велигден и на априлскиот тренд.

Ретки се и неблагодарни прогнозите за она што би можело да се случува во скора иднина и особено колкава цена во човечки животи ќе платат земјите во светот. Една таква проекција има направено Институтот за здравствена метрика и евалуација (The Institute for Health Metrics and Evaluation – IHME), кој е формиран во 2007 година, чии главни поддржувачи се Bill & Melinda Gates Foundation и државата Вашингтон. Врз основа на актуелните трендови на ширење на заразата, со анализа на болничките капацитети и на другите ресурси и под претпоставка на целосно социјално дистанцирање, овој институт има направено проекција за можниот број починати од ковид-19 до 4 август.

Така, според овие проекции, до тој датум во САД би можеле да починат вкупно 81.766 луѓе.  Во Велика Британија спомнатиот институт проектира 66.314 мртви до 4 август, во Италија 20.300, во Бугарија 303, а во Хрватска 166 починати. Македонија ја нема во проекциите на овој институт.

Поврзани содржини