Ковачки: Ситуацијата со пожарите е вон контрола
Последниве години инвестирани се нула денари за одржување на опремата, на канадерите. Два тендери им пропаѓаат, зошто? Надлежните се должни да преземат активности и да ја одржуваат опремата која им е оставена, вели Ковачки.
Драган Ковачки, член Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ во гостување во емисијата „Жешко политичко лето“ рече дека Владата може да прогласува каква сака состојба, ама факт е дека на терен состојбата со пожарите е вон контрола.
– Некој да ви остави опрема, да ви остави ер трактори и да не ги сервисирате за само 400 илјади евра, да ви остават 10 хеликоптери, а да ви останат само два за употреба и да не ги сервисирате и одржувате. Срамно е да имате и безпилотни летала кои може да ги користите за рано детектирање на пожари, а да ги исфрлите од систематизација – рече Ковачки.
Тој укажа дека факт е оти надлежните и Владата не инвестирале ниту денар во опремата за детектирање и за гаснење пожари.
– Не ми е јасно само се бара помош од други држави, има ли оваа држава институции. Мисли ли државата да прави нешто, пожарите беснеат веќе неколку дена. Едно е јасно, не е инвестирано ништо во опремата за гаснење на пожари, па лето е, не може пожарите да изненадат – вели Ковачки.
Членот на ИК на ВМРО-ДПМНЕ се осврна и на одговорноста за ситуацијата со пожарите.
– Одговорноста прво се лоцира на локално ниво, кај градоначалниците значи, тие се команданти, второ на централно ниво, каде е Дирекцијата за заштита и спасување, каде се останатите надлежни институции. Последниве години инвестирани се нула денари за одржување на опремата, на канадерите. Два тендери им пропаѓаат, зошто? Надлежните се должни да преземат активности и да ја одржуваат опремата која им е оставена – заклучи Ковачки.