Ковачки и Ковачевски во ковачницата на страсти

Нема ништо спорно во говор на Ковачевски. Упатствата за однесување на говорникот во никој случај не се доказ за „неспособноста на премиерот“, како што тврди Ковачки. Некои луѓе од службата на СДСМ за односи со јавноста направиле банален превид и текстот на говорот до медиумите го проследиле заедно со упатствата. Тоа е грешка поради која Ковачевски треба да преиспита како функционира неговата пи-ар екипа. А тој помалку да манифестира нервоза и страст во полемиките.

3,234

Во врска со говорот на Димитар Ковачевски, објавен заедно со упатствата за говорникот како да се однесува на говорницата, сакам јасно и гласно да кажам дека нема никаква основа за тезата на опозиционерот Драган Ковачки дека тој пропуст на службата за односи со јавноста на СДСМ е некаков „аргумент“ за докажување на „неспособноста“ на премиерот. Тој напад врз премиерот не ми се допадна.

Го кажувам ова како жесток и доследен критичар и на оваа влада, но и како новинар што верува дека мисија на либералниот журнализам е да негува критички дискурс кон власта, за да поттикнува добро владеење.






Во овие безмалку 40 години новинарска кариера сум прочитал многу говори на политичари, напишани и подготвени од нивните speechwriter-и. Сум видел и очајно лоши, но и навистина одлични и инспиративни говори. Во секој случај, од технички аспект, напишаниот говор треба да содржи и посебно форматирани делови од текстот што ќе го диктираат темпото и тонот на говорникот, како и упатства како тој да се однесува на говорницата (кога да го сочека аплаузот, на пример, и слично). Сето тоа е нешто нормално, нешто што треба да обезбеди добар јавен настап на говорникот.

Затоа, како искусен професионалец во медиумската сфера, тврдам дека нема ништо спорно во така стокмениот говор на Ковачевски. Упатствата во никој случај не се доказ за „неспособноста на премиерот“, или за потребата да се преиспита неговата „деловна способност“.

Од аспект на овој говор, би можело да се шпекулира, па дури и сериозно да се разговара за „деловната состојба“ на говорникот, само доколку тој од собраниската говорница, заедно со говорот, ги прочитал и упатствата. Да се потсетиме, тоа неодамна му се случи на американскиот претседател Џо Бајден, во еден од серијата негови гафови што се толкуваат како симптоми на влошена здравствена состојба.

Но, такво нешто не се случи при настапот на Ковачевски.

Едноставно, некои луѓе од службата на СДСМ за односи со јавноста направиле банален превид и текстот на говорот до медиумите го проследиле заедно со упатствата за однесувањето на говорникот. Тоа не е баш мала грешка, па Ковачевски веројатно уште еднаш треба да преиспита како функционира неговата пи-ар екипа.

Од политички аспект, важно е говорите на премиерот внимателно да се слушаат и да се читаат, па ако е потребно, да се критикува нивната содржина. Понекогаш жестоко, па и неумерено.

Може и треба да се критикува и стилот на говорникот, кога стилот укажува на нешто битно. Мене, на пример, не ми се допаѓа тоа што Ковачевски во последно време сериозно отстапува од неговата првична умереност во јавните настапи и манифестира нервоза, страстно влетува во полемики и на острите и неумерени напади и навреди сѐ почесто возвраќа на истиот начин. Јас мислам дека тоа не е добро.

Навикнати сме во македонската политичка арена да гледаме такви борби со удари под појас. Но, на Ковачевски и на Ковачки би им порачал дека концептот „критика на сѐ постоечко“ (Маркс) е подеднакво демодиран како и повиците „да се обединиме околу власта а не против неа“, бидејќи „власта е единствениот центар на идентификацијата, мобилизацијата и артикулацијата“ (Ленин, Сталин, Мао, Тито или лудиот Тричко, сеедно).

Од опозицијата очекувам да води битка со аргументирана критика на владините политики, но и со подадена рака и со конструктивна понуда на решенија. Особено сега, во услови на криза. Добар пример за тоа беше понудата на опозицискиот лидер Христијан Мицкоски за помош за обезбедување енергенси по прифатливи цени. Не ми се допадна тоа што таа понуда од Ковачевски беше дочекана со скепса и со еден некоректен цинизам.

Премиерот треба веднаш да излезе од вителот на страстите, во кој е втурнат од некого (тој најдобро си знае од кого). Го советувам да биде многу поотворен кон своите критичари и пред сѐ смирен и „пословен“. Накусо, да биде сѐ што не беше неговиот претходник Заев, кој се потпре на една екипа апологети, се самозаљуби, се вознесе и така ни остави богата ризница од гафови, ноторни лаги и многу сериозни промашувања во политиките.

ПС. Дознав некои информации за причините поради кои Ковачевски не бил на отслужување на воениот рок, но не сакам да се мешам во неговата и во работата на неговите служби. Следам и гледам кој како се однесува во услови на „кризен менаџмент“. И забележувам многу пропусти, неснаоѓање, незнаење. Тоа е, веќе видено…

 

Поврзани содржини