Ковачки ќе ја тужи Шекеринска: Срамота на што се симнавте
Политички гледано, ова е дискриминирачки и очајнички обид на Шекеринска преку злоупотреба на службената позиција и на целосно незаконски начин да го спречи Уставно загарантираното право за јавно изразување и критика на јавните функционери, вклучително и на нејзините поразителни и популистички политики во одбраната.
Полковникот и член на Извршниот одбор на ВМРО-ДПМНЕ Драган Ковачки најави тужба до министерката за одбрана Радмила Шекеринска по информацијата дека ќе биде казнет со по 30 отсто од платата во следните шест месеци поради закани до началникот на Генералштабот на Армијата на Република Северна Македонија Васко Ѓурчиновски.
„Ау каков непрофесионализам.
Да дознаам од медиуми дека Шекеринска ме казнила 6 месеци на плата а не сум примил никакво решение.
Еве ја вистината:
Значи, ми наместија дисциплинска постапка за која комисијата составена од генерали веќе се произнесе дека нема елементи за казна (!!!), но Шекеринска дополнително си формира своја комисија во која дури има и лица кои се помали по чин од мене и внимавајте: без НИЕДЕН доказ донела Решение за да ме казни на плата.
Чист аматеризам и своеволие.
Сега ќе си добиете по една тужба и тоа што сте го објавиле ќе мора да го докажете, ама не пред партиска комисија, туку пред Суд. А ќе ја повикам и јавноста да го следи процесот.
Срамота, Шекеринска на што се симнавте.
Политички гледано, ова е дискриминирачки и очајнички обид на Шекеринска преку злоупотреба на службената позиција и на целосно незаконски начин да го спречи Уставно загарантираното право за јавно изразување и критика на јавните функционери, вклучително и на нејзините поразителни и популистички политики во одбраната.
Во моментов, ова е една од темите што е сосема неважна и служи исклучиво за дефокус од неспособоста и алчноста за пари што косат човечки животи.
Јас ова ќе ви го порачам:
Вашите казни и закани само ме мотивираат и докажуваат дека сум на прав пат. Не може да ме казните за тоа што сум Ви укажал дека сте прекршиле закони.
Можете да казнувате и да се заканувате, но за злоупотреба на службена положба се одговара и кривично.
Се гледаме на Суд, одберете си добар тим правници“, напиша на Фејсбук Ковачки.