КОВАЧКИ ДА СЕ ИЗВИНИ ЗА ИЗРЕЧЕНИТЕ ЛАГИ Муслиу тврди дека тој и жена му се цел на политички напади
Директорот на Агенцијата за разузнавање тврди дека Ковачки ме обвини за нешто што по никој основ не е поврзано со функцијата директор која ја обавувам согласно Законот за Агенција за разузнавање.
Директорот а Агенцијата за разузнавање Еролд Муслиу ги отфрла наводите изнесени на прес-конференција од пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Драган Ковачки.
Ковачки ме обвини за нешто што по никој основ не е поврзано со функцијата директор која ја обавувам согласно Законот за Агенција за разузнавање.
„Ковачки ме обвинува за наводно мое мешање и влијание врз Владата за работа поврзана со делувањето на невладиниот сектор во нашата држава, што претставува лага и целосно го отфрлам. Забележувам дека подолг период, јас како директор на Агенцијата за разузнавање, но и мојата сопруга и нејзината работа во невладиниот сектор сме објект на напад преку изнесување неточни и лажни информации пласирани на начин да звучат како скандал кој се изнесува од страна на партиски субјекти, лажни профили на социјалните медиуми, како и на еден телевизиски медиум“, пишува Муслиу во реакцијата.
Тој вели дека со ова му се нанесува огромна штета како лојален граѓанин на РСМ и посветен професионалец со 31-годишна кариера.
Пратеникот Ковачки опишува состојба за работи поврзани со активности на невладиниот сектор во државата, односно за соработка со меѓународни организации и донатори кои го поддржуваат невладиниот сектор во нашата држава.
„На мојата сопруга која работи 23 години во невладиниот сектор наменски ѝ се прави ова, односно со цел да ѝсе наштети во активностите кои ги извршува, а имаат благородна намена, додека пак нашите деца ги ставате во опасност со пласирањето на невистинити информации за нивните родители“, се вели во реакцијата.
Муслиу вели долго време се воздржува да не реагира на сето она што лажно се пласира за неговото семејство трпејќи постојани навреди со погрдни имиња од етнички карактер.
„Не е прв пат да пласирате неточни и лажни информации, па по неуспехот за јавен линч, по извесен период повторно ги реобјавувате како нови скандали и сензации. Долго време се воздржувам да не реагирам на сето она што лажно го пласирате за моето семејство или преку лажните профили постојано ме навредуваат нарекувајќи ме со погрдни имиња од етнички карактер. Нема да ме поколебате да продолжам успешно да ја предводам Агенцијата, да го заокружам процесот на реформи и подмладување на нашата Агенција, а мојата сопруга нема да ја исплашите да продолжи со нејзината благородна работа во невладиниот сектор“, вели во реакцијата Муслиу.
Муслиу бара јавно извинување од Ковачки за, како што вели , јавно изречените ноторни лаги.