КОВАЧКИ ЈА ПОВИКА ОПОЗИЦИЈАТА ДА ГИ ПОДДРЖИ ИНТЕРПЕЛАЦИИТЕ НА ЧЛЕНОВИТЕ НА СУДСКИОТ СОВЕТ Ќе продолжат да одат по Заев и по Филипче или ќе се заложат за правда?

Според Ковачки, оваа интерпелација не е политичка пресметка, туку прв чекор кон демонтирање на коруптивниот систем создаден од власта на СДСМ и ДУИ во изминатите седум години.

61

Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Драган Ковачки на денешната прес-конференција соопшти дека ВМРО-ДПМНЕ ќе гласа за интерпелациите на петте члена на Судскиот совет и ги повика сите опозициски партии да го покажат својот вистински став кон правдата.

 

– Денес, кога ВМРО-ДПМНЕ ја има честа, но и одговорноста да ја води оваа држава, нема да дозволиме овој криминален систем да продолжи да функционира. Правдата не е изборна опција, туку национална обврска. Еден од најголемите столбови на овој корумпиран систем е Судскиот совет – тело кое наместо да ја гарантира независноста на судството, беше претворено во заштитник на криминалците од врвот на СДСМ и ДУИ. Ова се Фактите што не смееме да ги заборавиме: Судскиот совет има 2% доверба кај граѓанит. Ова не е институција што ужива почит, ова е тело што служеше за политичка и бизнис-мафијата да ги штити своите луѓе од одговорност. Поранешната претседателка на Судскиот совет самата призна дека е уценувана и под притисок од судско-бизнис елити, но никогаш не кажа имиња. Никогаш не кажа кој стои зад тие елити? Кого заштитуваше Судскиот совет? Ова тело не покрена ниту една сериозна постапка против судии кои очигледно работеа под политички и бизнис-диктат. Наместо да го брани законот, го бранеше криминалот. Некои членови на Советот гласаа за важни одлуки преку Viber, од одмори во странство и случајно им се прекинуваа телефонските линии токму во момент на гласање – рече Ковачки.






Според него, оваа интерпелација не е политичка пресметка, туку прв чекор кон демонтирање на коруптивниот систем создаден од власта на СДСМ и ДУИ во изминатите седум години.

– Затоа, ги повикуваме и сите опозициски партии– да го покажат својот вистински став кон правдата. Дали ќе застанат на страната на правото, или пак ќе продолжат да го бранат криминалот на Зоран Заев, Венко Филипче и останатите функционери од нивната власт кои со години ја злоупотребуваа државата? Ова не е прашање на партија, туку прашање на иднината – рече тој.

Ковачки рече дека парламентарно мнозинство е должно пред граѓаните, пред идните генерации, пред оние кои заслужуваат да живеат во држава со правда, да донесе одлука со која конечно ќе се стави крајна политичката контрола врз судството.

– Нашите пораки се јасни: ВМРО-ДПМНЕ ќе гласа „за“ интерпелацијата. ВМРО-ДПМНЕ ќе спроведе реформи со кои конечно ќе ставиме крај на партизацијата на судството. ВМРО-ДПМНЕ нема да дозволи ниту еден криминалец да избега од правдата само затоа што некогаш бил на власт. Судството мора да биде независно. Судскиот совет мора да биде ослободен од партиските влијанија. Затоа, денес е денот кога сите треба да се погледнеме во огледало и да си поставиме едноставно прашање: Што ќе им оставиме на идните генерации? Заробена држава или вистинска правда? Граѓаните бараат одговорност. Македонија бара правда. Време е да ја испорачаме. Затоа гласаме „за“ – рече Ковачки.

Поврзани содржини