КОВАЧЕВСКИ ЗА МАНДАТОТ НА ЗАЕВ КАКО ПРЕМИЕР Не би го ограничувал на денови, недели или месец-два

978

Заменик-министерот за финансии и кандидат за претседател на СДСМ, Димитар Ковачевски за телевизија Сител тврди дека претпоставки и шпекулации се информациите во јавноста дека СДСМ со Алтернатива  разговара за распределување ресори или за определени имиња.

– Не сме дојдени на тоа ниво, туку зборуваме за одговорности во Владата по одредени прашања. Вчера имавме разговори со Гаши и неговиот тим, кажавме дека е постигнат напредок во усогласувањето на програмските определби на новата можна влада. Ги разменивме и нашите мислења во однос на преземање одговорности во Владата кој би е формирала ако се постиген  договор. Остана да се спроведат разговори низ партиите и да се видиме уште еднаш или двапати до крајот на неделата. Во овој момент воопшто не беше тема распределувањето ресори и определување имиња, тоа  што се зборува во јавноста се претпоставки и шпекулации – рече Ковачевски и изрази надеж дека со Алтернатива ќе биде постигнат договор.






Според него, кој ќе биде примиер прво зависи од внатрепартиските избори во СДСМ, а потоа следува разговор и одлучување во партиските тела. Откако тука ќе се дефинира кој е мандатарот предложен од СДСМ, треба да се помине и филтерот на разговори со коалициските партнери. На крајот доаѓа гласањето во парламентот.

Ковачевски нагласи и дека кон Заев има голема почит.

– Тој ги донесе најтешките одлуки во државата благодарение на кои сме членка на НАТО и сме на чекор до почеток на преговорите со ЕУ. И при најавата на оставката тој кажа дека ќе остане премиер додека не се оформи парламентарно мнозинство кое ќе може да се справува со енергетската криза, пандемијата и евроинтеграциските процеси. Неговото останување на премиерското место не би го ограничувал временски на денови, недели или месец два се додека се овие процеси актуелни и додека тој може да име позитвно влијание врз нив – истакна Ковачевски.

Ако биде избран за претседател на СДСМ, Ковачевски, како што рече, ќе се потруди да ги идентификува најдобрите кадри и да привлече стручни лица однадвор, како и луѓе од дијаспората од приватниот сектор и науката, кои ќе можат да преземат одредени одговорности за поефикасно справување со предизвиците не само на партиско, туку и на институционално ниво.

– Давање фер шанса на најдобрите и во партијата и во државата е мојата цел – подвлече Ковачевски.

На прашањето дали ќе ги врати дистанцираните членови на СДСМ како Максим Димитриевски, одговори дека е секогаш подготвен за разговор и отворен да слушне различни мислења.

– СДСМ има над 80.000 членови и сите делат социјалдемократски вредности. СДСМ има демократски капацитет да има и спротивставени мислења на членовите. Треба да се седне и да се разговара за да се види како може да се усогласат различните мислења и од тоа да се извлече нов квалитет. Ако бидам избран за претседател на партијата ќе бидам отворен секогаш за разговор со секој што има различно мислење, а дали јас ќе го иницирам тоа или некој друг, е ирелевантно – потенцира Ковачевски.

 

Поврзани содржини