КОВАЧЕВСКИ ВО КАМПАЊА И ВО КУМАНОВО Да го разбереме незадоволството и да се менуваме!
Кандидатот за нов претседател на СДСМ рече дека на локалните избори се намалил коалицискиот потенцијал на партијата, но се случиле и внатрешни несогласувања што резултирале со поделби. „Таквите грешки не смеат да се повторат“, нагласи тој.
Кандидатот за претседател на СДСМ, Димитар Ковачевски, вечерва во Куманово одржа средба со членовите на раководството на СДСМ каде ја презентираше програмата и визијата за СДСМ. На средбата присуствуваа и членови на раководствата од Крива Паланка, Кратово, Ранковце, Липково, Старо Нагоричане и Арачиново.
Тој истакна дека резултатот на изборите покажал дека СДСМ мора да ги менува работите.
– Многу е важно да го зајакнеме единството и да го мотивираме секој член да се приклучи на промените. Секој член и поддржувач да ја врати довербата во партијата. Да го разбереме незадоволството и причините и да се менуваме – истакна Ковачевски.
Тој посочи дека СДСМ секогаш била и мора да остане партија која обединува. Ковачевски рече дека на локалните избори се намалил коалицискиот потенцијал на партијата, но се случиле и внатрешни несогласувања што резултирале со поделби.
– Таквите грешки не смеат да се повторат, единството е клучот за успех. Потребен ни е јасен и фер внатрепартиски систем каде луѓето се почитувани и наградувани согласно со придонесот. СДСМ мора да е препознаен преку чесни, посветени и ангажирани луѓе, а посветеноста и одговорноста на секој да биде единствено мерило за напредок – нагласи Ковачевски.
Ковачевски во следните денови ја продолжува кампањата во сите поголеми градови ширум државата каде ќе се сретне со голем број на членови и приврзаници на СДСМ.