КОВАЧЕВСКИ УТРЕ ЌЕ КРШИ ЛЕПЧЕ, АМА ПАРЧЕ НЕМА ДА ЗЕМАТ СИТЕ КОАЛИЦИСКИ ПАРТНЕРИ? Помалите политички партии бараат Македонија да биде една изборна единица

Помалите политички партии не се откажуваат од барањето Македонија да биде една изборна единица без изборен праг, а доколку не се исполни нивното барање, дел од нив најавуваат дека можеби нема да ја гласаат новата влада. 

3,272

Нема да му биде лесно на новиот мандатар Димитар Ковачевски да се справи со незадоволството на помалите коалициски партнери од кои директно зависи дали викендов ќе биде изгласан новиот владин состав во Собранието.

Помалите политички партии не се откажуваат од барањето Македонија да биде една изборна единица без изборен праг, а доколку не се исполни нивното барање, дел од нив најавуваат дека можеби нема да ја гласаат новата влада.






Дека на идниот премиер му се тресат нозете уште пред да седне на премиерската фотелја, говори и податокот дека владиното мнозинство во моментов брои 64 пратеници, а дури шестмина пратеници од помалите политички партии (Моника Зајкова-ЛДП, Боби Мојсоски-ЛДП, Павле Трајанов-ДС, Маја Морачанин ДОМ, Љупчо Балкоски-ВМРО-НП и Бејџан Иљас-ДПТМ) го ставија својот потпис на писмото испратено до претседателот на Собранието, Талат Џафери, во кое се бара да започне расправата за Предлог-законот за измени во Изборниот законик.

Ако не се одговори брзо на нивното барање, тогаш Ковачевски ќе го очекуваат уште поголеми главоболки, оти за да се изгласа новата влада потребно е најмалку 61 пратеник да го даде својот глас во Собранието.

Сепак, лидерот на ЛДП, Горан Милевски, во изјава за Плусинфо вели дека и покрај тоа што пратеничката Моника Зајкова и пратеникот Боби Мојсоски се потпишани во писмото, сепак, неговата партија ќе ја даде поддршката за новиот состав на владата.

Горан Милевски, лидер на ЛДП: Нашите барања треба да се имплементираат со некоја динамика и нема да дозволиме тие да останат само напишани на хартија.

– Владата ќе си добие поддршка и ние како партија не сме толку ригорозни и не поставуваме ултиматуми по секоја цена. Сметаме дека треба да се даде простор, но секако, тој простор да не значи неограничено време. Нашите барања треба да се имплементираат со некоја динамика и нема да дозволиме тие да останат само напишани на хартија. Од тој аспект, ќе ја поддржиме новата влада, во очекување и со надеж дека ќе ги имплементира нашите заложби. Доколку тоа не се случи, тогаш дефинитивно ќе се отвори дебата дали ЛДП ќе остане во коалиција со власта. Неблагодарно е сега да поставуваме рокови, бидејќи се соочуваме со енергетска и со економска криза, па сега енергијата треба да ја насочиме кон граѓаните, а не кон потребите на партиите. Но, во секој случај, во текот на оваа година треба да има разрешница на ова прашање. Партиите треба да знаат со кој изборен модел ќе настапат на следните избори. Дали е една или се шест изборни единици, партиите треба да бидат подготвени и да креираат своја стратегија. Затоа, оваа година мора да се одлучи дали остануваме со шест изборни едници или одиме со една изборна единица, со или без цензус. Ова прашање мора да се затвори до следните парламентарни избори – изјави Милевски.

И пратеничката и претседателка на ДОМ, Маја Морачанин, вели дека ќе ја поддржи новата влада, но како што вели, во текот на оваа година мора да се реши прашањето за една изборна единица.

– Ние добивме поддршка од СДСМ во однос на промена на Изборниот модел за една изборна единица, но во програмата на новата влада тоа прашање не е експлицитно наведено, туку само наведено е дека потребни се измени на Изборниот законик и се спомнуваат препораките од ОБСЕ/ОДИХР. Јас ќе ја поддржам новата влада, но очекувам реализација на нашето барање. Оваа влада мора да испорача резултати и да покаже одговорно работење. Барањето за една изборна единица ќе го тераме во Собранието и ќе бараме да се отвори дискусија. Не знам дали е возможно во следните три месеци да се реши ова прашање, но во секој случај мора да се реализира во текот на целата оваа година. Ако имаме редовни парламентарни избори во 2024 година, ние не смееме да се доведеме во ситуација да го менуваме Изборниот модел непосредно пред тие избори, туку многу порано. Затоа, сметам дека сега е вистинскиот момент за да се донесе одлука. Нека се отвори дискусија во Собранието, ќе направиме јавна расправа, а целиот процес да биде транспарентен и инклузивен – изјави Морачанин за Плусинфо.

Од друга страна, пратеникот и лидер на Демократски сојуз, Павле Трајанов, вели дека е можно неговата партија да го изрази своето незадоволство со негласање поддршка на владата доколку не добијат позитивни сигнали за нивната иницијатива.

Павле Трајанов: Можно е нашата партија да го изрази своето незадоволство со негласање поддршка на владата доколку не добиеме позитивни сигнали за нашата иницијатива

– Подготвивме измени во Изборниот законик. Таму дефинираме Македонија да биде една изборна единица. И други политички партии се предлагачи. Има поддршка од околу 20 пратеници и имаме начелен договор со ВМРО-НП, со ЛДП, со ДОМ и другите партии, партиите на турската етничка заедница и другите партии, и Левица е исто тука потпишана на таа иницијатива. Имаме договор кога ќе се создадат услови во парламентот, веднаш да започне парламентарната расправа – и тоа е еден од условите дали ќе ја поддржуваме новата влада или нема да ја поддржуваме. Така што, ако и натаму има развлекување или очекување сите партии да се согласат, никогаш нема да имаме консензус по ова прашање, бидејќи постојано една од партиите е против, тие меѓусебно се договараат – во една пригода ВМРО-ДПМНЕ е против, во друга СДСМ е против, во трета ДУИ. Но, сега, кога парламентарното мнозинство е поголемо, можно е нашата партија да го изрази своето незадоволство со негласање поддршка на владата доколку не добиеме позитивни сигнали за нашата иницијатива – изјави Трајанов за весникот „Нова Македонија“.

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ, пак, ги повикува помалите партии да станат противници на криминалот и на корупцијата.

„ЛДП, ДОМ и ДС да престанат да служат за поддршка на криминалот на СДСМ-ДУИ, наместо слуги да станат противници на криминалот. ЛДП, ДС и ДОМ по нивна слободна одлука се пајтон партиите кои служат за покривање на криминалот на СДСМ И ДУИ. Досега од ветувањата за една изборна единица, отворени листи и други нивни декларативни заложби не добија ништо од СДСМ и ДУИ. Напротив, тие продолжија да го штитат и да служат како закрилник на криминалот на СДСМ и ДУИ кој се одвива на големо. Токму затоа останувањето во коалиција на централно ниво значи само продолжување и поддршка на криминалот и корупцијата од владата на Ковачевски, предводена од ДУИ, а поддржана од ЛДП, ДОМ и ДС“, се вели во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.

Утре, 15 јануари, ќе започне седницата за избор на новиот состав на владата, расправата треба да продолжи на 16 јануари, а в недела пред полноќ треба да заврши гласањето. Останува да се види дали мандатарот Димитар Ковачевски ќе ги убеди помалите коалициски партнери да ја дадат својата поддршка за новата влада.

Поврзани содржини